Како советник во Општина Тетово и како координатор на советничка група, чувствувам обврска и потреба да алармирам и укажам на основни работи за кои институциите се должни и имаат обврска да постапат и известат.
Во изминативе 2 месеци за време на вонредна состојба, Агенцијата за вработување во Тетово не е на ниво на својата обврска да биде мост помеѓу понудата и побарувачката, и воедно да ги следи и анализира состојбите на пазарот на труд. До нас како советници секојдневно стигнуваат поплаки од страна на работодавците и работниците кои ги загубиле своите работни места.
Оттука јавно прашуваме дали некој од менаџментот на тетовската агенција за вработување се одважил да се јави, да посети, или барем да ги запознае работодавците во Тетово и тетовско со правата и обврските за време на вонредна состојба? Дали се сетиле барем да ги прашаат со какви проблеми се соочуваат и да им понудат соодветни решенија за нивните проблеми.
Исто така сакаме да прашаме дали кризниот штаб во Тетово побарал од оваа институција, или пак дали Агенцијата за вработување доставила податоци за:
Вкупниот број на одјавени работници од приватниот сектор(М2)?
Колку лица побарале право во случај на невработеност?
Колку лица оствариле право на паричен надоместок, колку биле одбиени и по кој основ?
Колку фирми одјавиле работници и од кои сектори?
Агенцијата за вработување поседува административни податоци кои се многу важни за кризниот штаб за да може навремено и наменски да помогне на работниците и работодавците.
До денес, од ниту една институција која е претставена на локално ниво не слушнавме било каков ангажман, иницијатива или предлог за било каква помош на бизнисмените во Тетово и тетовско а уште помалку за лицата кои поради губење на работното место поради кризата се соочуваат со сиромаштија. Агенцијата за вработување дава податок само за оние лица кои се стекнале со статус на невработено лице, но колкав е бројот на другите кои воопшто не се пријавиле во АВРМ, зошто не се пријавиле или доколку ги нема во статистиката на АВРМ, дали тоа значи дека не постојат!?
Ќе ја искористам оваа прилика како советник во Општина Тетово, да апелирам повторно до локалниот кризен штаб, до Претседавачот на советот и Градоначалничката, итно да закажат совет на кој ќе се презентираат податоците од институциите од кои ќе заклучиме кој сектор е најпогоден од пандемијата и вонредната состојба и со какви мерки ќе помогнеме на граѓаните на Тетово, а посебно на работодавците и работниците во рамки на можностите на општината.
Почитувани, работниците кои останаа без работа и не оствариле право на паричен надоместок, се соочуваат со големи финансиски проблеми и сиромаштија, додека реалниот бизнис сектор се соочува со огромни загуби.
На Тетово му треба стратегија за Обнова од епидемијата. Дозволете сите заедно дадеме свој придонес во Обновата на Македонија.
Александар Велјановски, координатор на советничката група на ОК ВМРО ДПМНЕ Тетово.