Заврши натпреварувачката манифестација „Предизвикот на Шар Планина“ во организација на општина Тетово и Здружението за спорт „Прв до врв“. На овогодинешното второ издание свое учество зедоа 120 спортисти аматери од целата земја. Во рамки на маратонскиот предизвик беа предвидени планинарско трчање, планински велосипедизам и друмски велосипедизам, од тетовскиот градски плоштад до Попова Шапка. Овогодинешни победници во друмски велосипедизам беа Тефик Салахи со број 311 на првото место, Кирил Марковски со број 303 на второто и Драган Николчевиќ со број 304 на третото место. Во категоријата планински велосипедизам првото место го освои Игор Трпковски со број 207, втор беше Стефан Узунов со број 201, додека третото место му припадна на Перица Стаменковски со број 206. Најбрз од машките во категоријата планинарско трчање беше Стојче Петровски со број 110, по него на второ место пристигна Денис Богоевски со број 108, а на третото место се најде Бојан Сапунов со број 147. Од девојките во истата категорија првото место и припадна на Билјана Кираџиева со број 103, втора беше Весна Кираџиева со број 109, а трета Валентина Узунова со број 150. Овогодинешниот настан беше подржан и од градоначалничката на Тетово Теута Арифи, која го искажа своето задоволство што од година во година има се поголем број на пријавени, што според неа е „ добар показател дека се стремиме да создаваме и градиме здрав живот и натпреварувачки дух“. -Оваа активност, спроведена во партнерство на Општина Тетово со здружението „Прв до Врв“ од Скопје и покрај натпреварувачкиот карактер, ја носи и пораката за здрав живот, која ние како општинска администрација веќе многу години се обидуваме да ја промовираме преку формални и неформални политики и поддршка на таквите спортски активности, истакна градоначалничката Теута Арифи. Патеката за планинско трчање беше долга 10 километри, додека патеките за планински и друмски велосипедизам беа во должина од 20 километри. Јована Костеска