Годинава конечно да се најде решение и да се асфалтира патот до селото Луковица, бараат тамошните мештани откако во 2020 година самите собраа и платија речиси шест илјади евра за проектната документација со геодетски елаборат. Тие за ова прашање и со цел да се најде решение организираа средба во селото повикувајќи ги политичарите, претставници на локалната и централната власт како и новинарите. Мештаните порачаа дека е крајно време да се најде решение затоа што и покрај сите проблеми тие покажуваат дека не се откажуваат од селото.
На средбата во селото Луковица дојде само пратеничката Фаница Николовска, додека претставници на иснтитуциите немаше. МИА побара ставови од Општина Желино, Министерството за транспорт и врски и канцеларијата на Светска Банка во Скопје околу тоа каде и како ќе се најдат средства за изградба на асфалтирана делница од месноста Крстец до селото Луковица во должина од 5,5 километри.
На новинарските прашања на средба во Општина Желино одговораше градоначалникот Блерим Сејдиу. Тој потврди дека мештаните пред една година му ја предале документацијата за патот која администрацијата ја доставила до Министерството за транспорт и врски.
-Ги информиравме ние во Министерство за транспорт и врски, го испративме и проектот и барање за да ни помогнат Владата да се реализира тој пат, зошто тој пат ни остана за изведба околу пет километри е долг и стварно таму треба да се интевенира што побргу. Не можеме со нашиот буџет да го реализирамеи затоа се обративме до Владата и чекаме одговор од нив, значи не добивме одговор од нив. Треба да ни даваат тие одговор дека ги нашле средства за патот во Луковица. Ние досега немаме таков договор, чекаме од нив а од друга страна имаме притисок од граѓаните дека треба тој пат да се реализира. Јас сум спремен да направиме и дебата отворена, со претставници на МТВ, ние како општина, јас лично и пратениците нека бидат присустни, да ги отвораме сите аргументи и да видиме кај е вината тоа што не се реализира тој пат, изјави Блерим Сејдуи.
Од Министерството за транспорт и врски информираа дека Општината доставила шест проекти за реконструкција на локални патишта и улици меѓу кои и за Луковица, во рамки на проектот „Поврзување со локални патишта” за што средства се добиени од Светска банка.
-Вредноста на сите доставени проекти ги надминува средствата од 742,449.00 евра што се обезбедени од Министерството за Желино во рамки на овој проект и затоа побарано е од општината да се произнесе кои се приоритетни проекти за да може да се финансираат во рамки на нејзиниот буџет. До овој момент, општина Желино се нема произнесено и поради таа причина се уште не се вклучени во јавните повици што ги објавува Министерството за транспорт и врски за реконструкција и изградба, во однос на овој проект, се вели во нивното соопштение.
Од канцеларијата на Светска банка во Скопје потврдија дека Желино има добиено средства и за да го добие грантот од ниво на централна власт, општината треба да предложи интервенции на патишта – подпроекти кои треба да бидат одобрени од Министерството
-Кога обемот на поднесените подпроекти е поголем од расположливиот буџет, Министерството ќе даде приоритет на оние со најголема корист за општината. Според нашите сознанија, овој процес на приоритизација допрва треба да се случи за општина Желино. Единицата за спроведување на проектот при Министерството за транспорт и врски ќе ја посети општината во март, се вели во соопштението на Светска банка.
Од месната заедница на Луковица потенцираат дека веќе по трет пат селото собира пари за патот, но државата не помага. Се собирале пари за проектна документација.
-Досега имаме направено три пати проекти и три пати ние го плаќаме. Така било во 1974 година, во 2000 година и сега 2020 година. Во 2000 година беше тампониран патот, но потоа се започна оружениот конфликт и се пропадна. Во Општина Желино само ние сме Македонци, а 16 села албански, кој те гледа, никој не те гледа. Затоа што гледаат за нивното. Гласовите се таму. Овде нема гласови. Овде постојано живеат 45 жители, само преку лето има и повеќе и плус преку викендите може да се случи преку 1000 луѓе да има, селово врие од население, изјави Миле Сибиновски, претседател на месната заедница и Здружение на жители на Луковица.
Од Тетово кон Луковица се може да се оди преку автопатот Тетово -Скопје или регионалниот пат Тетово-Групчин. После Групчин има асфалтиран пат се до Седларево. На половина од тој пат се наоѓа месноста Крстец или крстосница од каде има земјен пат од 5,5 километри се до Луковица.