Трет пат по ред општина Боговиње се обидува да започне со работа на изградба на водоснабдителен систем во атарот на селото Урвич. На местото на изворот има полициски единици, за кои од СВР Тетово соопштија дека се таму за да не се дозволи конфликт помеѓу жителите на Урвич и Синичане. Мештаните од Урвич не дозволуваат да се преземе овој извор со вода од страна на жителите на Синичане и општина Боговиње.
Градоначалникот на општина Боговиње Албон Џемаили смета дека тоа што не му се дозволува да гради е политичка игра.
-Загрижен сум за моите граѓани и разбирам што прави политиката, но јас сум должен со закон да обезбедам вода за моите граѓани. Полицијата е многу децидна, не може да продолжи работата, истакна Џемаили.
Министерството за внатрешни работи во соопштение информираше дека околу изградба на водовод за селото Синичане- општина Боговиње, Секторот за внатрешни работи Тетово, денеска 29.07, среда изготви известување во врска со постапката, правните обврски и друго и истото е поднесено до Основното јавно обвинителство во Тетово, при што понатамошната постапка во врска со истото, ќе се води води по насоките од обвинителството.
А.С