Половина од капацитетот на системот за наводнување Радиовце-Бистрица ќе биде на располагање за земјоделците во текот на претстојната сезона, информираат од АД Водостопанство-подружница Тетово. Подружницата која во 2018 се оформи издвојувајќи се Подружница Полог Гостивар мината година го стави во функција само почетниот дел од системот за наводнување.
-Каналот за наводнување Радиовце-Бистрица кој го стопанисуваме во должина 26 километри ќе биде половично во функција, односно од почетокот во Радиовце до река Пена. Долги години имаше вакуум во функционирањето на системот така што никој не стопанисуваше и има многу проблеми, со инфраструктуратата и што се вели не знаевме каде попрво да интервенираме, изјави Артон Бајрами, директор на подружницата.
За земјоделците од реката Пена до реката Бистрица каде завршува каналот и годинава нема да има вода за наводнување.
-Земјоделците таму знаат со години дека системот не е во функција. И тие чекаат од нас и ние чекаме, ние сме АД што значи имаме самофинансирање. Не сме буџетски корисници, имаме во годишна програма дека да се исчисти, но треба средства и луѓе. Ако почнеме таму да работиме, ќе го оставиме овој дел досега. Во девети месец, размислуваме на крај од сезона да се почне, па за наредна сезона да се работи на потегот од река Пена накај Ратае. И од дирекција ни е ветена помош, рече Бајрами.
Системот Радиовце-Бистрица има зафат на вода од реката Вардар со капацитет 7,8 литри во секунда, а се користат и таканаречените „Стари системи“ кои користат вода за наводнување од Шар Планина. Целиот систем од Радиовце-Бистрица предвидува околу 7 илјади хектари можна површина за наводнување.
Во август 2018 година беше поставен камен темелник за изградба на нов систем за наводнуавње Речица-Равен, кој ќе опфаќа дел од полошката котлина северно од автопатот Скопје-Тетово-Гостивар. По изградбата која е предвидена да трае до 2023 година предвидено е наводнување на потенцијални 3250 хектари земјоделско земјиште кое се протега на подрачјето на Гостивар, Врапчиште, Боговиње и Тетово. Вкупната вредност за изградба на системот за наводнување изнесува скоро 15 милиони евра.
А.С