Деловите од Тетово кои се предложени да ја формираат новата парковска површина сега се претежно неуредени места полни со фрлен смет, отпад, мебел, дива вегетација, руиниранирани објекти, па оттаму се чини сосема прифатлива и разбирлива идејата на тие простори да има парк, како што предлагаат од иницијативата „Тетово сака парк“. Фотографиите направени при посетата на тие четири урбани блокови кои се опфатени во рамки на иницијативата ја доловуваат запуштеноста но и потребата тој простор да биде исчистен, уреден и облагороден.
Урбаниот блок 27 е поранешниот спортски центар има една површина од неколку хектари кои и во минатито беа исти неуредена простор обраснат со дива вегетација и малечки ридчиња формирани од насобрана земја. Има неколку земјени патеки кои со често поминување оттаму ги направиле граѓаните. Секако, тука се и голем број и секаков вид на отпадоци но и оставени делови од мебел и покуќнина. Дел од оваа површина е искористен за луна-парк, фудбалско игралиште и игралиште со бетонска подлога. Насекаде околу нив има фрлен отпад.
Мали диви депонии има и од спротива на поранешниот спортскиот центар или Блок 29 каде се наоѓа и недоградената спортска сала. Покрај „задолжителното“ присуство на фрлени отпадоци тука има многу калливо земјиште, со бари вода, остатоци од возила и слично. На овој дел од порано во склоп на спортскиот центар имаше игралишта за тенис и ракомет со бетонска подлога кои сега се издадени на приватни фирми што претежно се занимават со возила-продажба на половни автомобили, автомеханичарски и слични работилници, перење на возила итн. Недоградената спортска сала служи со децении како простор кој се изнајмува на приватни фирми кои имаат и производствени погони.
Блок 31 ги опфаќа паркот Жена Борец и објектот познат како „Монопол“ каде во минатото егзистираше фабрика за преработка на тутун. Иако паркот Жена борец од претходната власт беше уреден со лизгалки, нишалки и слични детски реквизити, тие се уништени и никогаш не се заменети со нови. Исто така тука има многу отпад, места со дупки поради работа на подземна инфраструктура и остатоци од детските реквизити, скршени клупи.
Неколкуте згради во дворот на Монополот сведочат дека се изградени пред речиси еден век, и како такви се речиси руинирани. Се околу нив е место полно со расфрлан смет. На ова големо пространство постојат повеќе десетици борови дрвја. Ова претставува можеби единствен таков случај во градската средина на едно место да има толку многу дрвја што од друга страна е вредност која ќе значи многу за формирање на новата зелена површина во вид на парк.
Урбаниот блок 57 е просторот каде се наоѓа Шумарско-индустриски комбинат (ШИК) Јелак. Овој комбинат формиран во претходниот општествен систем со децении е празен, а фабричките хали се оставени на забот на времето. Дворот исто така како и сите други простори е полн со фрлени отпадици и остатоци од поранешното работење на фабрика. Веќе неколку години за овој урбан блок има интерес во јавноста. Прво тоа беше интересот на контроверзен бизнисмен од Црна Гора, кој го купи имотот на ШИК Јелак со план таму да се градат згради за колективно домување и трговски центри. Новата општинска власт времено го суспендира деталниот урбанистички план, а во меѓувреме дојде и до промена на сопствеништвото врз ШИК Јелак, па сега тоа е во рацете на теотовски бизнисмен кој се бави со градежништво.
Од иницијативата „Тетово сака парк“ сметаат дека градски парк треба да биде формиран на делови од споменатите урбани блокови 27, 29, 31 и 57, при што неопходно е преку соодветни постапки да се измени и дополни Генералниот урбанистички план за Тетово за блоковите 31 и 57, на кои ќе им се додели намена „Д“ (зеленило, рекреација и меморијални простори), која веќе постои за деловите од УБ 27 и УБ 29 опфатени во нивниот предлог.
-Границите на предложениот опфат се приближни и како такви ќе бидат предмет на понатамошно утврдување и разработка. Ние цениме дека парк со оваа големина, и во овие апроксимативни граници може рационално да се изведе. Во оваа почетна фаза најважно е Општината да го утврди извонредно големиот потенцијал на локацијата за формирање на градски парк – последен таков во градот, и да донесе парковска намена за поединечните опфати во Генералниот урбанистички план, а потоа да распише јавен конкурс за понатамошно спроведување на таквата намена во засебните Детални урбанистички планови со кој целата локација ќе биде третирана како инхерентна пешачка целина во чии рамки секако дека треба да бидат вклучени и отворени спортски терени, изјави Бошко Видоески, м-р инж. архитект и дел од иницијативата.
Според него со таквите први чекори, Општината ќе го стави јавниот интерес на пиедестал.
-Од д таа точка па натаму веќе ќе може да се разговара за секое едно поединечно прашање, без разлика дали тоа се однесува на нерешените работнички права на работниците од поранешните гиганти кои опстојувале тука или дали тоа се однесува на одредени имотно-правни прашања во рамките на претходно утврдената локација, која повторуваме, дури 74% е во сопственост на државата. Сакаме да го акцентираме јавниот интерес во оваа фаза како еден уставен императив кој е бесценет. Општината е должна да го заштити, пред да почне да ги фаворизира и задоволува нечиите приватни апетити кои растат за ова подрачје, потенцира Видоески.
По блокови, Спортски центар и Жена борец се 100% државна сопственост, додека Монопол 57%, а Шик Јелак 87% државна сопственост.
Тетово нема парк поголем од еден хектар, површина со која се означува минимумот за една парковска површина. Паркот Жена Борец има 0.80 хекатри, а помали зелени површини има кај Шарена џамија, населбата Два бреста кај стара библиотека и Ајдучко маало.
Александар Самарџиев