Во Тетово вечерва Коалицијата „Можеме“ на СДСМ и Движење Беса заедно со другите коалициски партии одржаа трибина. Претседателот на СДСМ Зоран Заев истакна дека за прв пат граѓаните имаат можност да изберат предизборна мутиетничка коалиција која заедно се бори за мандат од граѓаните и ќе понуди заедничка битка кон евроинтегративните процеси на Северна Македонија.
-Нема веќе да ви ветуваат членство во НАТО другите партии затоа што тоа е завршена работа. Заедно со концептот за едно општество за сите заедно успеавме сите граѓани да станеме членка на НАТО, а тоа значи исполнување на една од двете стратешки определби. Сега треба да бидеме заедно како никогаш досега мултиетничка и богата Македонија да ја оставиме на внуци како Европа во мало. Сега треба да грабиме напред и да се европеизираме заедно со концептот едно општество за сите, истакна Зоран Заев.
Тој им порача на политичките противници дека во шеста изборна единица ќе бидат победени сите.
-Ќе ги победиме и Алијанса и ДУИ, двојно повеќе ќе имаме гласови од ВМРО ДПМНЕ затоа што им е преку глава на луѓето од квази патриотизам и нациионализам. ДУИ што не ја внесе земјата во НАТО со Груевски, крајно време е по 17 години власт да одат во опозиција, само така ќе се реформираат, истакна Заев.
На тетовци им порача дека секогаш биле еснаф луѓе кои знале да проценат најдобро.
-Знаете да направите разлика, со тасот од вагата кога беше минимална плата 9 илјади, кога е 14.500. Знаете да направите разлика дека сега нема зголемување на цената на струјата и дека има ефтина тарифа, истакна Заев.
Лидерот на Беса, Билал Касами пред граѓаните рече дека заедно се во оваа коалиција поради вредностите во кои веруваат со СДСМ.
-Заедно се боревме да падне режимот. Во 2016 паднаа две третини од режимот, сега преостанува уште една третина, конечен удар за ДУИ и да не се врати тој режим. Заедно гарантираме реално ќе има рамномерен развој,гарантираме дека Шар планина ќе биде национален парк но и ќе го развиваме туризмот. Гарантираме подобра инфраструктура, да нема веќе депонии, да има вода за пиење во сите места, вработување на уште луѓе во економската зона, веруваме дека иднината е тука, истакна Касами.
Фаница Николовска кандидат за пратеник на СДСМ од Тетово порача дека партијата работи на сите аспекти кои ќе ја приближат државата до ЕУ.
-Градиме еко-држава, знаеме тетовци како е да се има загаден воздух. Граѓаните заслужуваат чист воздух. Работиме на процесот за заштитено подрачје на Шар планина како национален парк со што ќе се запре дивата сеча нешто што најмногу штети. Изградивме стабилна и безбедна држава и сега е време и за стабилна економија за да останат младите тука, рече Фаница Николовска.
На трибината се обрати и советникот на Заев за НАТО, Исмет Рамадани.
А.С