Учат во зграда стара над 100 години, со услови за настава како пред 20-30 години, со кабинет по информатика во кои компјутерите се со процесори „пентиум 4“ кои не се произведуваат над десет години. Во ваква ситуација се наоѓаат учениците од гимназијата „Кирил Пејчиновиќ “во наставата по македонски јазик кои од друга страна самите си обезбедија нешто во ниту едно друго училиште во градот го нема, a тоа е 3Д-печатач.
Група на четворица матуранти создадоа видео игра настапувајќи на ИТ онлајн натпревар, а како награда добија 3Д-печатач кој го донираа на училиштето, па сега сите гимназијалци ќе можат да го користат.
Овие но и други ученици од паралелките по македонски јазик кои настава следат во објектот познат како „Стара медицина“, се сооуваат со споменатите многубројни предизвици од инфраструктурен карактер, но на ваков начин – со нивните знаења и креативност се обидуваат да ги надминат препреките кон подобро образование. Така благодарејќи на нивната креативност самите успеваат да си го олеснат секојдневието во образовниот процес и предизвиците со кои со децении се соочува гимназијата и наставата по македонски јазик.
Сега во најстарите училници во градот само тие имаат најсовремен апарат за 3Д печатање –апарат за правење физички објект од тродимензионален дигитален модел, обично со поставување на многу тенки слоеви на материјал последователно. Нивните напредни знаења од компјутерска технологија сега се основа со овој апарат да создаваат разни предмети кои се употребуваат и во наставата.
-Со 3Д принтер изработивме маски за телефони, држачи за креди, беџови, лампиони за новогодишно украсување и разни други нешта. Испринтавме корисни работи за нашето училиште, а воедно ние треба да дадеме обука на соученици за да можат и тие да го користата во иднина. Организаторите на натпреварот, ИТ академија и тренинг центар кога дојдоа да ни го донесат 3Д принтерот се зачудија кога видоа во какви услови имаме настава. Затоа ние ни дадоа филамент – материјал за создавање на предмети преку 3Д принтер и ни рекоа дека и во иднина ќе добиваме од нив, изјави Стефан Узунов, еден од четворицата гимназијалци програмери на видео играта.
Филип Бојаровски, Петар Симовски и Димитар Ефремовски се останатите тројца, а во тимот кој ја создаде играта и победи учествувала и Ана Марија Тофиловска поранешна гимназијалка, сега студентка. Наградата е освоена во ноември 2021 година.
-Учествувавме во натпревар во дизајнирање на видео игра и освоивме прво место и награда на натпреварот „Game Design How To? 2021?” под организација на МЗДС Академијата во категоријата „People’s Choice”, односно гласови од публиката. Сето тоа благодарение на предметот кој го изучуваме Програмирање со кои се стекнавме со нашите први основни знаења, изјави Филип Бојаровски.
-Ние сами се пријавивме за дизајн на видео игра, авантура и акција наречена Авантурите на витезот (Knight adventures). Имавме седум дена за правење на играта по што следуваше гласање, изјави Димитар Ефремовски.
– За дизајнирање на нашата игра ние искористивме програмата Унреал Енџин (Unreal Engine) која што работи со програмски јазик C++ (Це плус, плус ) но има и свој посебен систем на програмирање Блу принтс, изјави Петар Симовски.
Овие ученици на 3-ти Март Денот на Општина Тетово на свечена седница беа доделени добија признанија за истакнати личности од различни сфери во општеството, кои придонеле во развојот и афирмацијата на градот Тетово.
Нивната професорка по информатика Лидија Ивановска објаснува дека и покрај ваквите услови ученици од гимназијата Кирил Пејчиновиќ често учествуваат на натпревари во областа на програмирањето и тие се успешни на тие претставувања на знаењата.
-Морам да нагласам дека нашата гимназија има долга традиција кога станува збор за учество во натпревари од програмирањето и нашите ученици постојано постигнуваат голем успех на таквите натпревари на што сум особено горда како нивен ментор.Постои голем интерес за програмирањето во нашата гимназија, како водечка дејност да речам. За нив е важно да ги совладаат овие вештини и понатаму многу од нив се запишуваат на факултети од областа на програмирањето. Наши ученици има вработено во големи компании како Гугл ,ЦЕРН, професори на светски универзитети. Многу поттикнуваат ваквите натпревари да продолжат понатаму да се занимваат со оваа дејност, изјави професорката Лидија Ивановска.
Уште понов таков успех бележи Марија Исаиловска која во јануари на онлајн светски натпревар Олимпијада Кодингал освои 28 место од 812 учесници. Таа како награда доби можност бесплатно да учествува во напреден курс по програмирање на еден од програмските јазици – Џава Скрипт (Java Script)
-Натпреварот се состоеше од 25 прашања за програмирање кои требаa да се решат на еден од програмските јазици C++, Python или C. Имаше три часа да се одговорат. Сакам да постигнувам искуство со вакви задачи од натпревари за да бидам подобро подготвена за на факултет. Имавме задача да направиме помала страна на Википедиа каде ако внесеме поим ќе ни даде одреден број на реченици за тој поим, да сумираме од Википедиа. За Олимпијадата имаше различни проблеми, да се пресмета одреден број или да се испечати нешто, различно имапе 25 проблеми. Сега со помош на стипендија за Џава Скрипт каде што учам за Фронт енд како да изгледа надворешениот изглед на програмата, изјави Марија Исаиловска.
Наставата по македонски јазик од 2001 година не се одвива во централниот објект кој се наоѓа на улицата Браќа Миладинови. Во овие 21 година гимназијалците настав следеа во повеќе други објекти низ градот како објектот на Работнички универзитет, па училници на основното училиште Гоце Делчев. Импровизирана настава имаше на плоштад и во салата на Советот на Општина Тетово.
Поради несоодветни услови за наставата во 21-виот век во неколку пати се протестираше, а ветувањата на надлежните се дека ќе се гради дополнителен објект во рамки на централната гимназија. Од учебната 2017/2018 постојано гимназијалците се во овој објект познат како „Стара медицина“ инаку изграден 1912/13 година. Во тоа време бил изграден за формирање на гимназија, а повеќе децении од минатиот век беше објект каде функционираше средното медицинското училиште.
Александар Самарџиев