Претседателот на ВМРО ДПМНЕ Христијан Мицкоски на средба со граѓаните во тетовско Јегуновце им порача дека по 15 јули доаѓа проектот Обнова, програмата на 360 страници која рече дека е создавана заедно со луѓето низ Македонија поради нивните проблеми и потреби. За секого по нешто има во таа програма, рече тој.
-Се обврзуваме на најмaлку 25 проценти зголемување на минималните плати и пензии, се обврзуваме на најмалку 1000 километри реконструкција на патишта, се обврзуваме во земјоделството на најмалку 640 милиони евра субвенции загарантиран откуп во еден мандат. Се обврзуваме на 1000 политики и мерки, за вас и вашите блиски, истакна Мицкоски.
Лидерот на ВМРО ДПМНЕ рече дека нема да се заборави националното предавство на сегашната власт.
-За помалку од две седмици треба да ги кажеме сите тие лузни кои ги оставија во овие три години. Шести ден слушаме како „можеле“ но можеа, но за жал ништо не направија, а ветуваа многу од 2016 година. Ние имаме план, наместо овие политички измамници кои ветија и не исполнија плата од 500 евра, дека ќе ги донесат Гугл и Фејсбук и што уште не, истакна Мицкоски.
Пред жителите на Јегуновце се обрати и носителката на листата во шестата изборна единица, Дафина Стојаноска. Таа им забележа на политичките противници од СДСМ за навредите кон жените од ВМРО ДПМНЕ.
-Така силно ќе ве победиме што некоја од македонските жени ќе треба да ви смени пелените, онака од мајчински инстинкт, истакна Стојаноска.Се обврзавме на најмали даноци за бизнисмените во Европа
Од тетовската Брвеница, претседателот на ВМРО ДПМНЕ Христијан Мицкоски на средба со граѓаните, порача дека читанката насловена „Проект Обнова“ ќе биде водилка за Владата и основа за иднината на Република Македонија. Потенцираше дека има над 1000 мерки со кои се опфатени мерки, политики и проекти за да има реформи во секој сектор и за секој граѓанин.
-Се обврзавме на најмали даноци за бизнисмените во Европа. Зголемување на плати и пензии и многу работи со што се обврзавме дека ќе помогнеме на сите кои сега се чувствувата обесправени и омаловажени, истакна Мицкоски.
Тој упати порака до СДСМ дека ќе престане како што рече „тргувањето“ со Гоце Делчев.
-Нема никаква историска комисија во која ќе преговараме дали Гоце Делчев е Македонец. Нема да преговараме за македонскиот јазик. Преку проектот Обнова се обврзуваме дека ние ќе бидеме факелот и огнот кој ќе го расплиме и ќе бидеме чувари на Македонија, потенцираше Мицкоски.
Носителот на листата во шестата изборна единица Дафина Стојаноска се обрати пред присутните граѓани.
-На 15 јули народот ќе расчисти со Зоран Заев, овој политички Пинокио, потоа ќе дојде обновата. Ги злоупотребија ваучерите да дадат по 3,6 или 9 илјади денари, а одзедоа милиони од народот, рече Стојаноска.
За проектите предвидени во проектот Обнова зборуваа и кандидатите за пратеници од општина Брвеница.