Јасминка Богдановска, просветен работник од тетовско Непроштено која се излечила од коронавирус денес донираше крвна плазма со која може да се лекуваат други заболени од Ковид-19. Постапката е извршена во Институтот за трансфузиона медицина во Скопје.
-На 16 март ми беше дијагностициран Ковид-19 и јас бев прва заболена во општина Теарце. Поминав релативно лесно, дома без поголеми симптоми, а потоа и два негативни теста. Во петокот во тетовската служба за трансфузија ми беше земена крв за испитување и беше утврдено дека има антитела кои организмот ги создал за време на борбата против болеста. Денес крвната плазма ја дарував во Институт за трансфузиологија медицина во Скопје. Ги повикувам сите што ја победиле короната да даруваат крв и да спасат нечиј живот, изјави Јасминка Богдановска.
Во крвната плазма на лицето кое било излечено од вирусната инфекција Ковид19 има антитела кои организмот ги создал за време на борбата против болеста.
-Плазмата која ги содржи овие антитела кои се борат со инфекцијата се нарекува конвалесцентна плазма.Таа се користи за лекување на заболените од Ковид-19, бидејќи се врзува за вирусот во организмот на болниот, го намалува неговото дејство, а со тоа ја намалува и прогресијата на болеста, објаснуваат од Институтот за трансфуизона медицина на нивниот веб сајт каде ги има сите податоци за процесот на дарување.
Постапка за дарување на плазма се вика плазмафереза и се изведува со високо софистициран клеточен сепаратор. Постапката трае од 40 до 60 минути и се издвојува од 300 до 600 мл плазма, а останатите компонетни се враќат на донорот. Плазмата која е дарувана е течниот дел на крвта кој брзо се надокнадува. Дарител може да биде лице на возраст од 18 до 60 години со телесна тежина поголема од 60 килограми.
А.С