Ќе се научат ли учениците подобро да ја сочуваат својата животна средина особено во Тетово, град со изразита проблематика кога станува збор за чиста и здрава околина, наследена пред сè од повозрасните. За овој предизвик разговаравме со одделенскиот наставник-ментор Соња Трифуновска од ОУ „Гоце Делчев“ во Тетово. Таа изминатата учебна година ги однесе учениците на терен, да евидентираат колку е загаден градот и кои се нивните идеи, решенија и интереси за подобра животна средина.
Тетово инфо: Какви сознанија имаат учениците за заштита на животната средина?
Соња Трифуновска: Еден од најважните предизвици со кои се соочува човештвото денес е заштита на животната средина и затоа една од суштинските задачи на образованието е имплементирање на еколошки содржини во воспитно-образовниот процес. Преку содржините во наставните и воннаставните активности, учениците се стекнуваат со знаења за видовите на животна средина, биодиверзитетот, факторите кои влијаат за загадување на воздухот, водата и почвата и за климатските промени, начините преку кои човекот може да придонесе за унапредување на животната средина и подобрување на квалитетот на животот. Стекнувајќи ги овие знаења, кај учениците се развива еколошка свест која е силен мотиватор за преземање на практични активности за заштита на животната средина. Со други зборови, ако детето има развиена еко-свест, кај него ќе се јави потреба и навика за еко-делување.
Тетово инфо: Од каде и како добиле совети и насоки како да ја штитат животната средина?
Соња Трифуновска – Првите сознанија за односот кон животната средина децата треба да ги стекнат од најрана возраст, во рамки на семејството. Кога родителите имаат развиена еколошка свест, со своите постапки и совети ќе бидат пример којшто децата ќе го следат и стекнатите знаења ќе ги прошируваат и продлабочуваат понатаму во градинка и на училиште. Детето кое уште од мали нозе стекнало основни правила каде треба да го фрла отпадот, како да учествува во грижата за растенијата, како да штеди електрична енергија и вода, побрзо и полесно ќе ја развие еколошката свест. На училиште, наставникот ја реализира наставната програма во која има и еколошки содржини и од неговите способности за организирање на наставниот процес и воннаставните активности, примена на креативни методи, техники и пристапи, ќе зависи колку учениците ќе стекнат знаења и колку ќе бидат мотивирани за примена на знаењата. Сметам дека предавањата и давањето на совети за заштита на животната средина не се толку ефективни во процесот на учење. Помотивирачки пристап е кога учениците истражуваат: кога се во ситуација да ги воочат проблемите, набљудуваат појави, кога ги обработуваат податоците, донесуваат заклучоци и тогаш стекнатите знаења се потрајни и применливи во ситуации од секојдневниот живот.
Тетово инфо: Какви еко-активности имате реализирано со учениците?
Соња Трифуновска: Имам реализирано голем број активности со учениците за заштита на животната средина. Како најефективна би ја издвоила истражувачката активност „Колку е загаден мојот град“ во која учениците добија задача да ја набљудуваат околината за да ја воочат состојбата со загадувањето на градот. Тие ги набљудуваа возилата кои се движеа по коловозот и го бележеа бројот на автомобили, велосипеди, мотоцикли и тротинети. Исто така бележеа и со каков отпад е загадена реката Пена и колку отпадоци има по улиците. После анализата на податоците учениците донесоа заклучок дека градот е многу загаден заради тоа што луѓето возат премногу автомобили, фрлаат отпад насекаде, а посебно во реката. Имаше идеја од повеќето ученици да направат еко флаери кои ќе ги поделат на минувачите во градот и постери кои ќе ги постават на видни места за да пренесат порака дека сите треба да се грижиме за животната средина. Кај учениците се чувствуваше радост додека ги реализираа активностите, бидејќи беа во улога на еко-едукатори и се залагаа за почист и поубав град. Освен во оваа активност учениците учествуваа и во активности организирани од граѓанското здружение „Еко-логик“ поврзани со искуствено учење и градење на еко-градови со лего коцки, различни еко-акции, еко-работилници за креирање на облека и предмети од отпадни материјали, еко драмски игри, па и изработка на своја програма за градоначалник преку која учениците во улога на кандидати за градоначалници ги истакнуваа проблемите со загадувањето на градот и потребата од градски парк и цртаа свој план на паркот на манифестацијата „Вешта жена“.
Тетово инфо: Каков интерес покажуваат за учество во еко активности за подобра заштита на животната средина?
Соња Трифуновска: Учениците секогаш покажуваат голем интерес и ангажман при реализација на активностите поврзани со заштита на животната средина, бидејќи решаваат конкретни проблеми од секојдневието и имаат истражувачки и практични активности кои се мотивирачки, интересни и корисни за сите. И на крајот би кажала дека секој човек пред себе треба да ја има целта да ја заштити и унапредува животната средина за да обезбедиме поквалитетен живот за нас, за децата и за многу идни генерации.