За почнатите постапки од страна на Обвинителството откако на 9 декември Стејт департментот јавно ги назначи Артан Груби и Енвер Беџети за нивна вмешаност во значителна корупција, амбасадорката на Соединетите Американски Држави (САД) Анџела Агелер денес немаше коментар за почнатите истраги и обвиненија. Тие беа поведени два дена откако Стејт Департментот на САД ги стави функционерите на т.н црна листа.
„Не можам. Јас не сум дел од ниту еден од внатрешните истражни процеси во оваа земја, рече Агелер на прашањето дали може да ја коментира истрагата што започна по ставањето на двајцата функционери на „црната листа“ на Стејт Департментот.
На новинарското прашање дали ќе помогнат САД за прашањето помеѓу Македонија и Бугарија, Агелер рече дека не може да бидат дел од тие дискусии.
„Ние не сме дел од ЕУ. И затоа ние не сме дел од многу од тие дискусии. Но, ќе го кажам она што го кажавме претходно во Вашингтон и овде во Скопје, а исто така и мојот пријател во Софија, нашиот амбасадор Мартин таму, многу би сакале да ја видиме Северна Македонија во Европската Унија и се надеваме дека нивните дискусии ќе бидат успешни и плодни. Затоа што просперитетната, успешната, сигурната иднина на оваа земја е во рамките на Европската Унија. Таа е во срцето на Европа. И затоа таму припаѓа, рече Агелер.
Амбасадорката во Тетово дојде на Универзитетот на Југоисточна Европа за да одржи предавање пред студентите.