Градскиот детски хор „Лале“ вечерва во Тетово одржа концерт на детска хорска музика во преполната сала на Музејот на тетовски крај, поранешен Дом на Армијата.
Љубителите на хорската музика имаа прилика да слушнат разновиден репертоар исполнет со полетност и детска искреност, а под диригенство на маестро Ивица Зориќ и асистент диригент Теодора Ветероска.
Изведени беа десетина песни со различна тематика, од творечкиот опус на Борислав Јоргушески – Боби. Главната цел на настанот, меѓу другото е и негувањето на здрави музички навики кај најмладите и популаризација на ваквиот вид на музика кај младите генерации.
Младите хористки ги исполнија композициите Основна скала, Непокор, Една тажна песна, Љубезност, Бајкоград, Плови плови, Динг данг донг, Шумска караница, Татева шема, Ајде да се дружиме и Весела песна.
– Прекрасните гласови на овој хор се синоним на младост, радост, квалитетна хорска музика. Лалињата се расадникот за идните хористи на градскиот женски младински хор Менада. Двата хора ги формирал и сè уште ги раководи проф. д-р Ивица Зориќ, човек со невидена енергија и ентузијазам на полето на хорската музика. За него велат дека е човек со извонреден дух, препознатлив по својата енергија во диригирањето и владеењето на сцената. Хорската музика е негов предизвик и го прави да биде тоа што е-најдобар во својот домен, порача модераторот на настанот, Марко Видачек.
Овој годишен концерт се совпадна со јубилејниот 75 роденден на маестро Ивица Зориќ.
– Маестро, нека ви се множат години во добро и долго здравје, нека се редат уште успеси, концерти, па и натпревари и награди! Вие имате многу подарено на Тетово и тетовчани. Вашата кариера е доказ дека човек, ако верува во себе, може да успее онаму каде за другите изгледа дека невозможно! Творете Маестро уште долги години! Нека овој аплауз биде еден мал, скромен подарок до вас, порача модераторот Видачек.
Градскиот детски хор „Лале“ постои од 1977. Овој хор беше расадник и основа за формирање на женскиот младински хор „Менада. Двата хора ги формирал и сè уште ги раководи проф.д-р Ивица Зориќ.
ас