Во видео-обраќање до јавноста кое Општина Јегуновце го испрати до медиумите градоначалникот Димитар Костадиноски посочува на притисоци, како што вели, од локални структури на МВР и СДСМ со кои се попречува реализирањето на инфраструктурни проекти
„Од населеното место Ратае морам да го изразам мојот револт за секојдневни пречки и притисоци со кои се соочува Општина Јегуновце и јас лично како градоначалник од институциите, предводени од кадри од МВР, од поставени локални шерифи и началници од структурите на СДСМ. Да ги прашам дали е криминал изградбата на оваа фекална канализација во ова населено место Ратае каде што во моментот се наоѓам и градежните активности се одвиваат според проект и планска документација од Општина Јегуновце и одобрение издадено од Општина Јегуновце додека работите ги врши самото Јавно комунално претпријатие. Сите заедно успеавме да го поврземе овој дел од Ратае до населеното место Жилче. Средствата за овој проект ни се обезбедени домаќински од буџетот на Општина Јегуновце. Успеавме со толкав мал буџет за толку краток период ова населено место да го поврземе до колекторот во населено место Жилче. Само да направам една споредба или паралела од претходното владеење на СДСМ во Општина Јегуновце. За овој проект кој е сличен на проектот во населено место Јанчиште, односно три и пол километри должина, истата траса е направена со средства со буџет на Општина Јегуновце и самото јавното претпријатие во населено место Ратае. Додека населено место Јанчиште е направена иста траса од 3,5 километри која чини околу 400 илјади евра која ја изведуваат фирми блиски на поранешниот градоначалник на Општина Јегуновце од СДС“, истакнува Димитар Костадиноски во видео-обраќањето до јавноста кое општината го достави до медиумите.
„Јас како Диме, граѓаните ме познаваат, секојдневно сум на терен, и во комуникација со граѓаните, ги слушам проблемите, изнаоѓаме решение, и нема да подлегнам на никакви притисоци и нема ништо да ме спречи да ја вршам функција за која ми ја дале довербата и за која имам обврска да работам во интерес на граѓаните на Општина Јегуновце. И дали ова е домаќински или недомаќински знаат граѓаните да направат разлика и затоа неслучајно на изборите во 2021 година ми ја дадоа поддршката со тоа што во првиот круг станав градоначалник на Општина Јегуновце. Доаѓаат подобри времиња. Се надевам за многу блиску од сега ќе дојде една нова Влада, предводена од ВМРО ДПМНЕ и професорот д-р Христијан Мицкоски каде што верувам со поддршка од таа Влада во Општина Јегуновце ќе се развиваат многу повеќе проекти и ќе се завршат започнатите проекти, а овде од населено место Ратае ветувам дека до крајот на оваа година цело населено место Ратае ќе биде опфатено со фекална канализација“ вели Димитар Костадиноски.