Тетовскиот градски плоштад денес беше место каде се одржа ревија на 50-тина стари автомобили, a најстариот беше произведен пред 92 години. „Фиат“ 508 Балила произведен во 1932 година е најстариот автомобил, кој од Свети Николе до Тетово го имаше донесено колекционерот Стефан Ѓорчев.
„Возилото 1956 година доаѓа во Македонија. Првиот сопственик ми се чини дека е од Риека и тој тргнува на патешествие со тогаш веќе стар автомобил низ тогашна Југославија, меѓутоа во Македонија доживува некаков дефект кој не можел да го отстрани. Така во Македонија едноставно се решава да го продаде возилото и да се врати дома со друг вид превоз. Тогаш автомобилот го откупува Раде Мадиќ од Скопје тогаш доста познат мотоциклист, а после него возилото го купува некој Сотир од Маџармаало по што овој Фиат завршува кај познатиот Стеван Милошевски, познат како Стево Атракција. После 50 години ова возило од него го откупив јас. Ова возило е користено во 1961 година за снимање на филмот „Мирно лето, изјави Стефан Ѓорчев.
Колекционерот го има купено Фиат-от во 2021 година, кога не можел да се вози, го поправил и денес го возел од Свети Николе до Тетово.
„Овој автомобил од Стево Атракција го купив во 2021 година и тоа не беше во возна состојба. Тоа, некаде околу 2.000-та година било реставрирано, но како музејски експонат и не можело да се вози. Последен пат било возено во 1980 година, тогаш му била и последната регистрација. Оваа година, некаде во март, возилото го вратив во возна состојба, со помош на чичко Ацо од Куманово. За да го оспособам за возење користев и стари делови, нови делови и сè што можев да најдам и што можеше да се вклопи. Ова во суштина се едноставни модели на возила па деловите може да се комбинираат или дури и да се направат. Ако го погледнете ќе видите дека бојата е веќе на некои места олупена, но не сакам да ја обновам бојата бидејќи тоа пак од друга страна му ја потенцира староста на возилото. Иако сум добил многу понуди за ова возило а и за другите стари возила што ги имам, ниедно се сакам да продадам. Не е тука само тоа колку пари ќе вложиш во едно вакво возило, многу е битно колку љубов ќе вложиш во него да го доведеш во возна состојба. Сега ова е најстарото возило во Македонија кое е во возна состојба и е регистрирано. Јас со него дојдов од Свети Николе а со него и ќе се вратам, а досега веќе имам поминато со него околу 5.000 километри“, раскажува Ѓорчев.
Ревијата на плоштадот е во организација „Ретро клуб Тетово“. Посетителите видоа раазни видови изложени модели како Застава-Фиќо, Лада, Голф, Мерцедес, Кадилак Линколн, донесени од САД и други видови.