Доколку се загледаат постарите згради во Тетово се забележува дека ретко која нема надградби и доградби, па оттаму се наметнува и прашањето дали истите тие предизвикуваат опасност за објектите особено при појава на земјотрес.
Стручните лица од областа на градежништвото и архитектурата со кои разговаравме на оваа тема во краток одговор велат да, законски и според правила можно е да се изградат квалитетни доградби и надградби, но се сериозно загрижени околу тоа колку тие објекти сега се издржливи поради менување на нивниот првичен облик.
Универзитетскиот професор по архитектура Бекир Адеми вели дека надградбите ги има и во високоразвиените држави, но воедно е еден огромен и тежок процес кој што првично треба да се почитува. Не е нерешливо некаде да се направи надградба, бидејќи има законска одредба која дозволува ваков вид на постапка на веќе изградени објекти.
-Во закон се вика адаптација и пренамена. На пример столбови и греди е примарна конструкција и логично е дека ѕидовите може да се рушат. Меѓутоа не е толку добро да се рушат тие ѕидови, затоа што и тие се еден добар фактор на објектот како целина при земјотрес. И тие измени и тие реновирање и тие се голем проблем. Не само што ќе се оштетат постоечките ѕидови, туку многу често се случува и конструктивните елементи да се оштетуваат, зашто затоа што нема контрола или изведувачите не ги интересира баш многу, сведоци сме ние секој од нас реновирал еднаш свој стан и знаеме како тие имаат свој пристап. Посебен закон да се донесе да се контролира цел тој процес, вели Бекир Адеми.
Никола Антовски, дипломиран градежен инженер вели дека масовната градба најмногу лежи во помалата инвестиција и нискиот стандард. Од друга страна потенцира дека со изведба на вакви доградби се нарушува и постоечкиот комодитет за основниот стандард за живот па така со изведбата се оптоваруваат постоечките инсталации како водоводната и канализационата мрежа, електрификацијата, просторното уредување и останато.
-Од градежен аспект доградбата или надградбата го менува веќе изведениот објект од секој аспект и го отповарува. Тоа е дополнителен товар на конструкцијата за која што објектот можеби и не е предвиден да ја издржи па се оди до неговиот лимит на носивост и употребливост. Носивите елементи како носачи, столбови и темели се предвидени за постоечкиот објект и се проектирани за тоа ниво на оптеретување. Со надградбата се задава дополнително оптоварување. Многу помали се интервенциите кога се работи за адаптација на поткровје зошто и новите товари се помали и се од прилика 10% до 15% од тежината на објектот. Доколку се оди на надградба на нови етажи тогаш комплексноста на проектирањето и изведбата на објектот како и неговата експлатација е многу по сериозна и можна е потреба на појачување на конструктивниот систем, вели инженерот Никола Антовски.
Професорот Адеми со сличен став околу старите објекти за кои сликовито вели дека тој си има „свој ритам на работа“. При земјотресот, објектот треба да биде флексибилен, сите тие движења, потреси, опасности треба да се пресметаат претходно.
-Значи вие едно што е изречено претходно и според тоа направено, вие тоа го менувате, некако му го менувате кодот. Не дека не може да се менува кодот,но треба многу вештина и знаење. Ние лично многу сме имале такви интервенци, но и затоа ги избегнуваме тие надградби. Тие што сме ги правеле, знам дека биле многу тешки процеси што бараат многу знаење, многу искуство, пред сè лична одговорност зошто утре никој нема да знае дека ради одреден стан паднала цела зграда. Прво како луѓе сме одговорни сами за себе, нели да мислиме дека и ние може да сме во тој стан, посочи Бекир Адеми професор по архитектура.
Инженерот Антовски вели дека не може да се каже во Тетово во проценти или бројки колку од објектите се изградени по правила и стандари од неколку причини.
-Една од причините е тоа што вакви објекти како доградби и надградби се изведуваа како „диво градба“ кои подоцна се легализираа само со геодетски елаборат. Овие доградби и наградби немаа никаков доказ во пишана форма за тоа како се проектирани и изведени со тоа што влева голем сомнеж каква е нивната исправност и колку така изградените објекти се опасни. Во таквиот потфат се оставаше на вољата и свеста на инвеститорот за тоа каков објект ќе добие, безбеден или ризичен. Се разбира има и надградби кои се градени со целосна постапка за градба, одобрение за градба и изведба од стручен тим и надзор, потенцира Антовски.
На прашањето какви се надградбите во поглед на опасност од рушење при појава на земјотрес, Антовски почнува со тоа дека Тетово како територија спаѓа во VIII (осма) категорија според MCS скалата која е деструктивна. Објаснува дека во оваа категорија, при земјотрес, се очекуваат значителни штети во просечни конструкции со парцијален колапс, во слабо изведените конструкции и со тоа паѓање на фабрички оџаци, столбови, споменици, ѕидови.
-Самата изведба на доградба или надградба го зголемува ризикот од зголемени деформации на постоечкиот објект при експлоатација а посебно при појава на земјотрес. Објектите кои се изведени по стандарди и предвидени односно проектирани имаат значително помал ризик за нивен колапс при појава на земјотрес. Кај нив се предпоставува дека се задржани основните параметри при проектирање на доградби. Кај објектите кои се бесправно изградени немаме јасна слика за тоа колку е зголемен нивниот хазард за колапс при земјотрес. Дали во таква ситуација ќе страда само доградбата или можеби целиот објект, рече Никола Антовски.
Според инженерот во Тетово состојбата со доградбите и надградбите е алармантна.
-Како од безбедносен аспект така и од естетски и урбанистички аспект. Причини за ваквите градби може да се бараат во повеќе фактори како економски, демографски, нискиот стандард, свеста на населението и тн. Повеќе загрижува отсуството на институциите кои дозволија бесправна изградба на објекти кои може да доведат до опасност од рушење при зејотрес. Најмногу загрижува фактот што не се знае точната бројка на објекти на кој е изведена некаква градба и нивниот начин на изведба, потенцира Никола Антовски.
Во однос на прописите и правилниците за надградба или доградба тие се исти како и за нови објекти. За стекнување на право на градба покрај стандардната процедура потребна е и согласно од 51% од станарите да се согласат за да се почне со процедурата за одобрение за градба. Од градежен аспект најбитно за стабилноста на објектот е градежно-конструктивен проект со сите негови детали за изведба. Во него се дава начинот на изведба на надградбата односно доградбата како и „врската“ на постоечкиот објект со новата доградба. Во градежно-конструктивниот објект се оценува и дали е потребно појачување на постоечкиот објект за соодветно да одговори на новиот систем на надградба и објектот да биде согласно правилниците за градба. Во прилог на контролата за проектираниот објект е и мислењето кое го дава Институтот за земјотресно инженерство кое е задолжително за секоја нова градба.
Александар Самарџиев