Летечката театарска трупа од Тетово е апсолутен победник на меѓународниот Драмски Аматерски Фестивал (ДАФ) Кочани, во домашна и меѓународна конкуренција откако доби Гран при и награда за најдобра режија за претставата „Момчето со пругасти пижами“.
Режисерот Владимир Јованоски вели дека наградите се еден вид потврда за посветеноста и пожртвуваноста на ансамблот на ЛТТ и тимот што игра во „Момчето со пругасти пижами“.
„Да се освои гран при за најдобра театарска претстава во меѓународна конкуренција е освоен театарски врв и доживеан сон, но и доказ за квалитетот на играта. Сепак зад тој врв стојат нови возвишенија и врвови, а наградите се инерцијалната сила која ќе ја користиме за да совладаме нови врвови со нови претстави, изјави режисерот Владимир Јовановски.
Според режисерот, успехот е резултат на заедништвото на групата.
„Што се однесува на тимот кој игра во претставата, тој демонстрираше перфектна партнерска игра и комуникација што заедно со режисерскиот концепт, силната емотивна игра и пред се искреност на сцената, доведе до тоа да биде најдобра претстава. На крај, нека ова биде поттик до сите сонувачи, да го живеат својот сон, рече Јовановски.
Годинава ДАФ бележи 61.издание
ДАФ е веројатно еден од нашите најстари театарски фестивали во земјата. Шеесет и една година ДАФ дефинираат најквалитетни претстави од земјата и странство, а да се биде лауреат значи да се биде запишан со златни букви во долгата колективна меморија на фестувалот. ДАФ е многу повеќе од проект, тој е филозофска и цивилизациска идеја на македонската култура, изјави Јованоски.
Во претставата играа Никола Стојановски – Бруно, Клара Настова – Јоди, Мелиса Ценвоска Серафимовска – Елса, Меланија Серафимовска – Гретел, Марко Ристоски – Гунтер, Зоран Јованоски – Павел, Евреи:Матеј Печеновиќ, Михаела Матеска, Ивана Давидовска, Владимир Владимир Јованоски – Франц.