„Ние веднаш по формирањето на владата ќе седнеме ќе ги видиме законските можности кои ни стојат на располагање, ќе ги поканиме и експертите на една дебата и дискусија за враќање на цената на електричната енергија, односно да ја разгледаме и можноста дури и за намалување“, рече претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски и иден премиер за време на денешната посета по повод почетокот на работата на вториот производствен погон на фабриката Киел Македонија во ТИРЗ Тетово, а одговарајќи на новинарско прашање во врска со цената на струјата.
Мицкоски информираше дека следната влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ има план како да го направи и намалувањето на цената на струјата.
„Имаме план, имаме начин како тоа во периодот што следи да го направиме така што граѓаните треба да бидат спокојни доаѓа влада која ќе се грижи за стандардот на граѓаните“, изјави Мицкоски.
Според Мицкоски, вториот работен ден на новата влада ќе биде одбележан со оваа инвестиција која има вредност од околу 450 милиони евра.
„Нешто кое се нема случено кај нас, не само во полето на енергетиката туку генерално во бизнисот една огромна голема странска инвестиција која ќе произведува 20% проценти од вкупното производство на електрична енергија и тоа ќе биде таа енергија обновлива со што правиме чекор кон комплетна енергетска независност“, истакна Христијан Мицкоски.
Мицкоски е убеден дека за неколку месеци од денес Македонија ќе е енергетски независна.
„Јас сум убеден дека за неколку месеци од денеска ќе може да прогласиме дека Македонија ќе биде енергетски независна, ќе произведуваме онолку колку што ќе трошиме, а граѓаните нема да бидат загрижени за својот стандард и паричник заради големата инфлација поради високите сметки за електрична енергија туку таа електрична енергија која ќе ја трошиме истата и ќе ја произведуваме, нема да ја увезуваме со што ќе се намали разликата на нашата трговска сметка, а истовремено ќе се зголеми БДП, а со зголемување на БДП повторно ќе се вратиме на она место каде припаѓавме а тоа е во врвот во Европа според раст на БДП, а не сега на дното како изминативе 6-7 години“, изјави Мицкоски.