Климатските промени создаваат проблем и на локално ниво, кога станува збор за производството на мед. Глобалното затоплување кое носи потопли денови, но и зачестените нагли промени во секое годишно време се одразуваат директно врз локалната флора па така и врз животот и работата на пчелите и нивниот капацитет да создадат мед. Најдрастичен пример е повеќекратното намалување на приносите на мед од едно пчелно семејство-кошница, раскажуваат производителите за своите искуства низ годините.
Променливите временски прилики се причина да биде загрозена и животната егзистенцијата на пчелите, па во опасноста се доведува и нивниот број. Двата проблеми, се помалку пчели и се помалку приноси создаваат и трета проблематика –„удар“ врз џебот на оние кои професионално се занимаваат со производство на мед и егзистенцијата на нивните семејства.
Владимир Антовски професионален пчелар од тетовско Жилче вели дека секое годишно време носи предизвик за производителите на мед. Тој веќе дваесетина години се занимава со оваа работа, а од постарите колеги знае дека во 70-тите и 80-тите години од минатиот век просекот на едно пчелно семејство бил повеќе десетици килограми мед, околу 30/40 килограми, а рекордите надминувале и 60. Сега просекот на едно пчелно семејство или кошница е едноцифрен, па медарите се среќни да извадат 10 килограми мед од една кошница.
Според него, за пчелите е подобро да има постудени зими, но последните години има многу потопли зимски месеци во споредба со порано. Во зима кога пчелите хибернираат, тоа зависи од температурата на воздухот.
„Ако е поладно, пчелата ќе биде во хибернација и подобро е да биде во хибернација затоа што помалку се „троши“. Ако се „троши“ тоа значи дека при потопло време во зима е во полу хибернација, па излегува од кошницата и лета и со тоа го намалува својот животен век. А во зима целта е да биде што подолго во клубето (легло) во кое престојува во кошницата“, вели Владимир Антовски.
Потоа на пролет, неповолни се ненадејните ладните пролетни денови.
„По мое мислење, тоа е еден од најголемите проблеми. Зашто има топли зими и растенијата почнуваат рано да се „будат“ и да цветаат па има прилика кога пчелите почнува некаде дури во среде јануари да одат по полен на цветовите од растенијата. Јануари, февруари, март може да бидат топли, па април после „знае“ да направи проблем, да има и утрински минусни температури, па се случува да „изгори“ цветот. Воедно пчелата е развиена и поголема, па претставува предизвик да се врати пак во кошницата. Понекогаш се зголемува толку многу што не може да се врати во кошница“, раскажува Антовски.
Во летниот период, според Антовски се повеќе се намалува можноста за собирање полен затоа што ливадите „изгоруваат“ од сонцето и високите температури, па нема цветови. Дел од проблемот е што е намален сточниот фонд во руралните места. Добитокот со пасење ја регенира тревата па постои можност да се родат нови цветови од кои пчелите пак ќе имаат прилика да собираат полен.
„Сега во голем број случаи имаме една вегетација во мај, а потоа никој не ја обработува земјата, поточно ливадите. Доаѓа до презревување на тревата и сушење. Пример ако имаш дома тревник, десет пати да ја косиш тревата, десет пати цвет пушта. Ако не ја одгледуваш ливадата, еднаш цвета, прецветува и завршува можноста за цветање“. Има разлика ливадска паша и паша од цветови од растенија. Ливадска паша се регенирира, се обновува. Цветањето на слива трае пример од 5 до 15 април и толку, без разлика на временски услови, дури наредната година има цветање. Од друга страна кај ливадската паша прво има косење, па се обновува, 50 пати да се коси 50 пати се добива цвет“ објаснува тетовскиот пчелар.
Иако се смета дека низ Македонија имаме добри планински предели и рамнини за производство на мед, пчеларите сепак се соочуваат со предизвикот кој го носат климатските промени и глобалното затоплување кои донесоа промени во вообичаените временски прилики.
Климатските промени, односно глобалното затоплување, како и честите екстремни промени на временските услови се причините за промените на цветовите на дрвјата и растенијата. Кога пчелата доаѓа кај цветот, во цветот нема или има малку нектар или полен за да се соберат и да се однесат во пчелната колонија за да се направи мед. Без цветни медоносни растенија нема извор на храна за пчелните колонии.
Управата за хидрометеоролошки работи во својата публикација „Анализа и интерпретација на климатската варијабилност и промени во Република Северна Македонија“ од 2021 година дава примери на климатски промени во Македонија. Бројките од анализата директно покажуваат на глобалното затоплување со намалување на бројот на денови кога може да се појави мраз и зголемување на деновите кога има високи температури дури и во ноќните часови.
„Истражувањето направено во периодот 1926-2020 година покажува дека во последната деценија (2011-2020 година) е забележана најголемата промена во годишниот број на студени, ледени, летни денови и тропски ноќи. На пример, намалувањето на деновите со мраз е од 3 до 23 дена, а од ледените денови до 8 дена. Најголем пораст во тропските ноќи од 28 дена е забележан на метеоролошката станица Гевгелија, додека за останатите станици Битола, Охрид, Прилеп, Струмица, Демир Капија и Штип зголемувањето е од 1 до 6 дена. Зголемувањето на летните денови на целата територија на државата е поголемо од 18 дена, а најголем пораст од 28 дена е забележан во Берово и Крива Паланка, се наведува во „Анализа и интерпретација на климатската варијабилност и промени“
Промената на температурата на воздухот е прикажана преку отстапувањата на просечната годишна и сезонска температура за периодите 1971-2000, 1981-2010 и 1991-2020 година и на декадните просеци за периодот 1951-2020 во однос на референтниот триесетгодишен период 1961-1990 година.
Во изминатиот педесетгодишен период најголемо отстапување на просечната годишна температура од просекот за 1961-1990 година е за периодот 1991-2020 година (слика 1). Во текот на периодот 1991-2020 година просечната годишна температура е повисока на целата територија во границите од 0.7°С до 1.4°С. Повисоки вредности се забележани и за периодот 1981-2010 година (0.2°С-0.8°С), додека за периодот 1971-2000 година годишната температура е во рамките на просечните вредности за периодот 1961-1990 година.
Анализата на отстапувањата на просечните сезонски температури од просекот за 1961-1990 година исто така покажуваат најголеми вредности за периодот 1991-2020 година, при што се забележува најголем пораст за летната температура со отстапувања во границите од 1.2°С до 2.2 °С
Тоа значи дека глобалното затоплување резултирало со повеќе денови со високи температури кои можат да предизвикаат сушење на цветот, па ќе има помала можност пчелите да собираат полен. Главните проблеми се топлите зими, брзите температурни промени во пролетта и долгите сушни периоди кои доаѓаат со летото, а сега се протегаат во септември и октомври. Пчеларите поради ова имаа потреба од постојана едукација и изнаоѓање решенија за овие предизвици.
Во извештај од 2018 година на Програмата за животна средина на Обединетите нации (UNEP), се истакнува клучната улога што пчелите ја играат во производството на храна и биодиверзитетот.
„Од 100-те видови култури кои обезбедуваат 90 отсто од сета храна што се консумира во светот, 71 се опрашуваат од пчели. На глобално ниво, секои три лажици храна што ја јадеме е благодарение на нашите крзнени пријатели. Можете ли да замислите свет без јаболка, лубеници или чоколадо? Ова се само некои од намирниците кои се речиси целосно зависни од пчелите за опрашување. Пчелите секако работат напорно за нас. За да произведе 1 килограм мед, пчелата мора да посети четири милиони цвеќиња и да прелета растојание што е еквивалентно на четири пати да ја обиколи Земјата. Сепак, во последниве децении, бројот на пчели се намали во Европа и ширум светот“, се вели во извештајот.
Александар Самарџиев
фотографии лична архива на Владимир Антовски