КУД „Бранко Чајка“ кое делува при Здружението на Срби и Македонци „Бранко Чајка“ од Тетово викендов, од 6 до 8 октомври, учествуваше на манифестацијата „Опленачка берба“ која традиционално се одржува во градот Топола, Република Србија.
Манифестацијата е посветена на виното и грозјето бидејќи овој дел од Шумадија е познат вински регион во Србија, а годинава се бележат јубилејни 60 години одржување.
– КУД „Бранко Чајка“ од Тетово пред тамошната публика се претстави два пати и тоа во делот од програмата каде учествуваат детски фолклорни групи, како и во делот каде што учествуваат групи од Србија и регионот. Манифестацијата е од ревијален карактер и играорките од Тетово беа поздравени со голем аплауз. Пред публиката изведоа две ороводни песни од Тетово и три фрагменти од кореографски постановки, информираше Соња Андонов, претседателка на Здружението.
Во текот на трите денови, колку што трае манифестацијата, на етно штандовите се изложува овошје, грозје, вино и ракија, а богатото културно наследство на овој крај може да се запознае и низ изложба на стари занаети и ракотворби.
– Особена атракција претставува дефилето по улиците на Топола составена од сите учесници, предводена од двајца коњаници. манифестација. На овој собир настапуваат фолклорни и пеачки групи кои изведуваат игри и песни од својот крај, информираше Соња Андонов, претседателка на Здружението.
Учеството на КУД „Бранко Чајка“ на 60. манифестација „Опленачка берба“ во Топола, Република Србија, претставува проект од национален интерес во културата за 2023 година поддржан од Министерството за култура на Република Северна Македонија.