Црквата посветена на Свети Атанасиј Велики архиепископ Александриски во Долно Седларце денес одбележа 40 години од осветувањето.
Беше отслужена Света Божествена Литургија на која чиноначалствуваше надлежниот епархиски архиереј Митрополитот Тетовско-гостиварски г. Јосиф. Верниот народ се причести со Светите тајни. По завршувањето на Литургијата, беше извршен чинот на Мал водосвет и беа прекршени празничните кумски лебови.
Црковниот одбор на владиката г. Јосиф по тој повод му подари архиерејска митра-круна.
Во својата беседа Митрополитот г. Јосиф, истакнувајќи го значењето на храмот за секој еден верник и за самото село ја искажа својата радост за овогодинешниот храмов 40 годишен јубилеј на црквата Свeти Атанасиј Седларце.
– Храмот е душата на селото. Низ овој период од 40 години во овој храм се случиле безброј радосни моменти, тој бил место каде што сите вие го наоѓате вашиот животен спокој. Затоа секој од нас треба да се труди и во иднина да го чува и запази овој храм, кој го изградиле Вашите предци и го оставиле на вас, а вие пак како залог треба да се трудите овој заеднички дом да го сочувате за вашите чеда и внуци, кои доаѓаат после вас. Храмот е најголемото заедничко наследство кое една генерација може да го добие од своите предци. Храмот е духовно лечилиште, место, каде што сите заедно како црковна заедница се осветуваме и богоуподобуваме за да го здобиеме вечниот живот, истакна во пригодната беседа владиката г. Јосиф.
Црквата Свети Атанасиј во Долно Седларце е почната со градба во 1979 година и завршена по пет години работа. На 31 јануари 1984 година осветувањето го извршил тогашниот митрополит полошко-кумановски г. Кирил (1934-2013)
фото: Тетовско-гостиварска епархија