Изложба на своите дела од вечерва во Музеј на тетовски крај имаат неколку генерации ученици од ООУ „Андреја Савески Ќиќиш“-Тетово, а претставуваат копии од слики, мозаици и графики на светски познати уметници. Делата се изработени на часовите од изборниот предмет Проекти по ликовна уметност, под менторство на наставникот по ликовно образование м-р Зоран Бошкоски.
– Работевме долги години на часовите Проект по ликовна уметност и затоа оваа изложба ја нарековме ретроспективна, за да се види што сме работеле минатите години. Ова вечерва е едно естетско проценување, не само за децата, туку за сите нас како наставници да ги мотивираме децата да понатаму продолжат да се развиваат и да творат во областа на ликовната уметност. Тука имаме две ликовни подрачја, сметавме дека е доволно иако можевме и повеќе да направи. Имаме дела од ликовното подрачје графика-линорез и од областа на сликарството имаме слики и мозаици. Сите овие слики се копии се на познати ликовни уметници Ван Гог, Моне, Пикасо. Целта е преку тие копии на некој начин децата да осознаваат за основните елементи и принципи во ликовната уметност, изјави наставникот и уметник Зоран Бошковски.
Директорката на училиштето Дијана Петровска на отворањето на изложбата рече дека е долгогодишна работа и приказ на повеќеслојноста на уметничките доживувања на генерации ученици, а ОУ „Андреја Савески-Ќиќиш“ има две причини да се радува.
– Едната причина е показател дека има традиција по изборниот предмет Проекти од ликовната уметност под менторството на предметен наставник Зоран Бошковски да создава ликовни дела, кои по иницијатива на ученици од деветто два одделение и поддршка на директорот на Музеј на тетовски крај, Миќо Стојчески се тука изложени и може вечерва да ги погледнете. Втората причина е тоа што ние како наставници, секогаш ги учиме нашите ученици да ги почитуваат еминентни вредности на уметноста. Тоа се естетското, наследеното и современото што може да се проследи и види на изложбава. Во ликовната уметност нема граници но секако постои еден универзален јазик што може да се види и низ ретроспективата на ликовните дела, истакна на отворањето, директорката на училиштето Дијана Петровска.
Дел од свеченоста беа и музичките настапи на ученици од истото училиште.
ас