Водата од планинските извори почна да се намалува, па Тетово почнува да го користи и новиот водоснабдителен систем од реката Лешница за да има доволно вода за пиење, информираат од Јавното претпријатие за водовод и канализација „Шар“ од Тетово. Наместо досегашните 450 литри вода во секунда од планинските извори има околу 350, па било потребно да се надоместат уште стотина литри вода во секунда колку што е капацитетот на градскиот систем.
„Поради високите температури се соочуваме и со намалување на издашноста од старите извори на Шар Планина, имаме пад од околу 100 литри во секунда. Од 450 литри колку што произведуваа старите извори пред дваесетина дена, моментално произведуваат 350 литри во секунда. Со 350 литри на овие високи температури коишто се моментално и се очекуваат повисоки дојдовме до констатација дека мора да се интервенираме со пуштање на Лешничкиот систем односно цевководот која ја води вода од река Лешница кон градот Тетово. Така изгубената количина од старите изворите да ја надоместиме и стигнеме на ниво на 450 литри во секунда колку што може и да прифати системот на градот Тетово, информираше Љуљзим Шаќири, раководител на Секторот за водовод и канализација.
Луѓето коишто живеат во повисоките делови од градот веќе се јавувале во претпријатието дека се соочуваат со повремени прекини во водоснабдување. Затоа се апелира на совесно користење на водата за пиење.
„Годинава имаме уште повеќе зголемено несовесно користење и трошење на водата за пиење. Би сакала да испратам барање до граѓаните да бидат совесни, затоа што некој нема вода за основни потреби, а се злоупотребува за нешто што е луксуз како што е полнење детски базени, перење возила, наводнување патлиџани, цел ден се троши водата. Барем во овој период сега. Имаме фаза и кога доаѓаат нашите од другите држави, сега се одморите. Имаме интервенирано кај граѓаните им посочуваме тоа да не го прават. Се прави веќе од општината една физибилити студија за водомерите и ќе се постават веројатно водомерите низ цел град. Градот да биде опслужен со водомери и потрошувачката да се мери, истакна Шаќири.
Според раководителот во текот на еден ден има од пет до седум интервенции на дефекти поради пукнати цевки или проблеми во шахтите за пренасочување на водата. Деновиве биле приклучувани градските бунари кај болница и кај земјоделското училиште за рамнотежа во системот за снабдување.
ас