Друштво за грижа на бездомни кучиња АНА АГРО ДООЕЛ од Ратае почнува третман на агресивните и болни кучиња кои ги напаѓаат жителите на Тетово. Друштвото има договор со Општина Тетово да ги третира кучиња во рок од 12 месеци, со ограничена вредност до 2.542.372 денари, објавен на системот за јавни набавки.
Општина Тетово по повеќе од една година најде приватен оператор да ги третира агресивните кучиња низ градот. Последниот договор беше од 13.07.2022 со важност од 12 месеци, но тогашниот оператор порано го прекина третманпт на бездомни кучиња откако го искористи ограничениот буџет.
Ветеринарот Ане Апостоловски, ангажиран во прифатилиштето, вели дека приоритет ќе биде да се заловат и третитаат агресивните и болни кучиња за кои добиваат многу бројни пријави од граѓани. Според ветеринарот, сите кучиња по ветеринарен третман поминуваат и тест за социјализација кој определува дали е безбедно да се врати на локацијата доколку никој не го вдомува.
„Кучињата кои ги третираме поминуваат тест за социјализација на два пати и доколку не го помине, оди на еутаназија. Тоа се прави на трет ден од заловување и после оперативен зафат. Исто така се вакцинираат, се чистат од паразити и им се става идентификационен микрочип. По третирање на кучињата ако некој не ги вдоми, треба да се вратат на локација, по што ќе има наредна тура, информираше Апостоловски.
Градоначалникот на Тетово, Биљал Касами денес го посети прифатилиштето за бездомни кучиња.
„Општина Тетово денеска стави крај на проблемот со кучињата скитници. Ние сме меѓу првите општини во државата, која обезбеди засолниште за кучињата скитници. Како што знаете, овој проблем беше еден од најголемите проблеми што ги наследивме од претходните власти, но и предизвик за нас како локална самоуправа конечно да го најдеме вистинското решение за ова прашање. Сега мораме да бидеме хумани како граѓани и наместо да оставаме кучиња на улица, апелираме до сите што можат и имаат желба, да вдомат миленик. Продолжуваме да го решаваме секој проблем на нашата општина, со одговорност и посветеност за градот и граѓаните на Тетово, изјави Биљал Касами.
Прифатилиштето има капацитет од 19 „боксови“ за кучиња. Од 14 јуни до 26 јули заловени се и соодветни третирани се вкупно 16 кучиња.
ас
фотографија Општина Тетово