Планинарскиот клуб „Јелак“ на 13.10.2024 година (недела), по седми пат ја организира веќе традиционалната планинарско-рекреативна акција „Милениумска патека“ на падините на Сува Гора, која тргнува од с. Блаце, и завршува во с. Волковија.
Акцијата спаѓа во лесни планинарско-рекреативни тури. Погодна е и за почетници, рекреативци и вљубеници во природата со минимум кондиција за движење, а поради туристичкиот и едукативен карактер интересна е и поискусни планинари. Поканети се сите поединци, планинарски клубови и друштва.
КАРАКТЕРИСТИЧНИ ТОЧКИ И ОПИС НА ПАТЕКАТА:
СТАРТ: с. Блаце – се тргнува од ширинката во центарот на селото (600 м.н.в.)
– Црква „Св. Троица“, с. Блаце (720 м.н.в.) – изграден врз археолошки локалитет „Самовилска вода“ од старохристијанско време, кој опфаќа и извор кој според преданијата има лековито дејство;
– Црква „Св. Петка“, атар на с. Стенче – сместена на рид (880 м.н.в.) помеѓу селата Блаце и Стенче;
– Археолошки локалитет – месност „Граиште“, с. Стенче. Неолитска населба со наоди кои датираат од IX век п.н.е. Во рамките на локалитетот, постои и ранохристијанска базилика која датира од IV век од н.е;
– Црква „Св. Илија“, с. Стенче;
– Црква „Св. Екатерина“, Стенчевска чука – видиковец кон Полог и Шар Планина;
– Црква „Св. Георги Победоносец“, Волковска чука – сместена во некогашниот Волковски манастир кој датира од XIV век;
– Движење низ пределот каде е сниман култниот македонски филм „Македонска крвава свадба“.
ЦЕЛ: Црква „Св. Мина“, с. Волковија, каде ја завршуваме акцијата.
– Вкупно искачување: ~500m
– Вкупно спуштање: ~700m
– Вкупна должина: ~9km
ИНФОРМАЦИИ ОКОЛУ ПАТЕКАТА И ДВИЖЕЊЕТО:
– Патеката спаѓа во лесни планинарско-рекреативни тури, препорачлива за сите возрасти;
– Вода има на неколку места по патеката, доволно е 1л. во ранец;
– На речиси секоја карактеристична точка е предвидена кратка пауза на која учесниците ќе бидат запознаени со историјатот и карактеристиките на црквата во која се наоѓаат;
– Исхраната по патеката е во сопствена режија од ранец, да се предвиди лесна исхрана за тура од 4-5 часа.
– Патеката е маркирана со стандардна планинарска маркација и патокази, но задолжително е движење во колона според насоките на организаторот и водичите од клубот.
ПРЕПОРАКИ:
– носење на лесни планинарски чизми/обувки или високи квалитетни патики со тврд ѓон;
– планинарски стапчиња не се неопходни за поискусни планинари;
– поради актуелното годишно време – есен се препорачува слоевита облека од неколку лесни слоеви;
– задолжително е носење на кабаница или јакна за заштита од дожд.
ПРОГРАМА:
– 08:00 – тргнување со организиран превоз од Тетово од пред Домот на културата „Иљо Антески-Смок“;
~ 09:00 – поаѓање на колоната од с. Блаце;
~ 09:30 – црква „Св. Троица“, с. Блаце;
~ 10:30 – црква „Св. Петка“, с. Стенче;
~ 11:30 – ранохристијанска базилика, археолошки локалитет „Граиште“, с. Стенче;
~ 12:00 – црква „Св. Илија“, с. Стенче;
~ 12:45 – црква „Св. Екатерина“, с. Стенче;
~ 13:45 – црква „Св. Георги Победоносец“, с. Волковија;
~ 14:30 – пристигнување на целта – црква „Св. Мина“, с. Волковија и затворање на настанот.
Превозот тргнува за Тетово тргнува од с. Волковија веднаш после затворањето на настанот.
* Се предвидуваат паузи во секоја од споменатите цркви; нивното времетраење е по проценка на водичите на лице место, а во зависност од големината и составот на групата, временските услови и расположението на учесниците;
НАПОМЕНА:
– Секој учесник е должен да ги почитува правилата и насоките на организаторот и водичите.
– Движењето се одвива во група предводена од организаторот и водичите;
– Патеката не е кружна, важно е да се напомене дека превоз со сопствени возила на учесниците на маршот е неизводлив.
– Организираниот превоз ги носи учесниците до с. Блаце, а ги зема од с. Волковија.
– За гостите од други клубови со нивен организиран превоз: да им се напомене на шоферите на возилата да ги преместат во с. Волковија.
– Цената за превоз Тетово-с.Блаце и с.Волковија-Тетово е 200 денари.
– Пријавувањето е најдоцна до 12.10.2024 (сабота) до 12:00 часот за да имаме попрецизна бројка за организација на превозот.
Борис-Цули: 070/596-637
Владо-Трпе: 070/523-400.
ИСТОРИЈАТ:
Патеката беше поставена во 2018 година на иницијатива на Комисијата за односи со верски заедници и религиозни групи, а по повод тогашниот јубилеј „1000 години Охридска Архиепископија“. Мотив беше промоција на богатото црковно и културно наследство во овој регион, како и прошетка по речиси недопрени предели на Сува Гора, кои освен на мештаните од споменатите села претходно не беа од некој посебен интерес на пошироката јавност. Планинарскиот клуб „Јелак“ од Тетово во текот на 2018 година вршеше извидување и мапирање на целиот предел, па низ соодветни топографски анализи ја постави и маркираше споменатата рута како најсоодветна за акција од ваков карактер и масовна посета. Клубот во соработка и со поддршка од КОВЗРГ и МПЦ, ја организираше акцијата по прв пат на 23.10.2018 година. Оттогаш ја организираме секоја година по ред, со што добива и традиционален карактер, а веќе е дел и од редовните годишни активности во календарот на ФПСМ. Изминативе шест години вкупно преку 700 учесници беа дел од оваа убава есенска акција.