Не се живее нормално во населбата Колтук, револтирано информират тамошните жители, откако повторно како пред неколку години, периодов се соочуваат со прекини во водоснабдувањето и по неколку денови. Се чека долго во ноќта, кога сите спијат, па да остане водата во системот и да стигне до нивните домови. Или пак преку ден одат и бараат некои јавни чешми за да наполнат барем за пиење.
„Јас сум во горниов дел од населбава Колтук, нема капка вода преку ден. Еден месец е вака. Само навечер доаѓа по малку. Доаѓа, не доаѓа. Ама тоа доаѓањето не е ништо, ни да наполниш саглам вода, ни хидрофор се полни. Не спиеме по цели ноќи, изјави Дракче Ристовски.
„Од кога сум роден, секоја година Општината од догодина ќе имате вода, од годинава … која е таа година јас не знам. „Извор нов правиме“. Ништо секогаш“. Шеста класа на луѓе не сметаат нас, изјави Диме Андоновски, жител на населба Колтук
„Не е само да ја пуштиш водата два часа, или три. Треба вода да имаме 24 часа, да се искупаш, одат луѓе на работа. Долниот има, горниот нема“, изјави Ѕвонко Петровски, жител на населба Колтук.
Од комуналното претпријатие за водовод „Шар“ тврдат дека прекините во водоснабдувањето се поради различни дефекти, како и диви приклучоци на неодговорни граѓани, како и нерационално користење. Велат дека пред неколку дена почнале теренски активности за надминување на проблемот и подобрување на водоснабдувањето.
„ЈКП „Шар“ реагираше со планови за ублажување на состојбата. Екипите се ангажирани на терен за да извршат детални испитувања и се планира проширување на водоводот од 100 mm на 225 mm во должина од околу 100 метри над реката Пена. Со оваа интервенција се очекува значително да се подобри водоснабдувањето за овие населени места“, се вели во информацијата која објави претпријатието.
Прекини во водоснабдувањето, во одредени периоди имаат и зградите во градот кои немаат хидрофори. Јавните претпријатија информираа во неколку наврати дека и покрај дефекти на новиот систем, снабдувањето со вода се одвивало само со количините вода кои стигнуваат само од стариот водоснабдителен систем, што зема води од планинските извори.