Во понеделник 22 јули во Требиње, Босна и Херцеговина ќе биде изведена претставата „Момчето со пругасти пижами“ на тетовското драмско студио „Летечка театарска трупа“(ЛТТ). Поканата за овој фестивал е нов успех за ЛТТ кои годинава со истата претстава освои Гран-при и најдобра режија на фестивалот ДАФ во Кочани.
„Момчето со пругасти пижами“ доживеа значаен успех. По освоените Гран-при и награда за најдобра режија на театарскиот фестивал ДАФ, како и гостувањата во Македонскиот народен театар и театрите во Битола и Штип, селектирана е за учество на меѓународниот фестивал „Фестивал на фестивалите” во Требиње, БиХ. Ова е стара и исклучително реномирана манифестација која трае над 60 години, каде што копјата ги вкрстуваат најдобрите театарски претстави од Западен Балкан со реномирани професионалци режисери, драматурзи и актери во жири комисијата. Момчето со пругасти пижами настапува на 22 јули, понеделник, во 20:30 часот на сцената во Требиње, БиХ. Како и секогаш, ЛТТ ќе игра за свој ќеиф и на радост на публиката , изјави Владимир Јованоски, режисер на претставата.
Зоран Јованоски, извршен директор на Летечка театарска трупа потсетува дека поминаа шеснаесет години откако првиот ансамбл на Летечката театарска трупа се поклони пред публиката во Тетово. Оттогаш, илјадна публика и стотина актери растеа заедно со нивните претстави.
2Паѓавме и се кревавме посилни, плачевме и се смеевме заедно на сцена но и позади неа.После 30-тина премиери и неколку стотици репризи, најголемиот успех е што изградивме верна и искрена врска со публиката на нашата сцена во Тетово со која, и покрај новоосвоените гледачи во Скопје, Битола, Штип, Кочани, Гостивар, Кичево, имаме љубов на прв поглед. Како независен слободоумен театар, низ годините ожнеавме многу награди за најдобри претстави, режија, работа со деца, специјални награди и признанија, два пати го прелетавме океанот и игравме во Канада и САД, но најсреќни сме дома, во Тетово, а штиците на нашата сцена ни се некако најудобни за игра, вели Зоран Јованоски.
Режисерот Владимир годинава бележи 30 години играње на театарската сцена.
-Годинава се навршуваат и 30 години од моето играње на сцена. Претставите кои следуваат годинава, ќе бидат мој подарок до тетовската публика, моите другари и пријатели. Да се биде театарски актер, значи, на сцена да се игра сето она што луѓето го доживуваат, мечтаат, мразат или се плашат во своите животи. Тоа е многу тешко бреме. Театарот служи да ги покаже убавите страни на животот и да ги предупреди луѓето на злото кое чека зад аголот. Актерите мораат постојано да поминуваат низ тоа на сцена за луѓето да не мораат да го доживеат тоа во живо. Прашање е само кој колку гледа, слуша и разбира, вели Владимир Јованоски.
Режисерот Владимир Јованоски минатата 2023 година во рамки на одбележувањето на 15 години од ЛТТ, ја подготви претставата со адаптација на романот на ирскиот романсиер Џон Бојн „Момчето во пижами со пруги“, од 2006 година.