Соопштение на СВР Тетово 20 март 2024
Полициски службеници на СВР Тетово, вчеравечер (19 март) околу 20 часот и 40 минути на улица „Киро Ристевски – Дрнц“ во Тетово го привеле 51-годишниот тетовец Н.Е, кој бил баран по централна потерница врз основа на судска наредба за издржување казна затвор од три години и шест месеци за сторено кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурзори“, казниво по член 215 од Кривичниот законик. Лицето било спроведено во Казнено-поправната установа Затвор Идризово во Скопје за издржување на казната.
Вчера (19 март) околу 13 часот и 20 минути на ул.„Михајло Рајчевиќ“ во Тетово, полициски службеници на СВР Тетово ја привеле 23-годишната тетовка Б.Ј., која била барана по централна потерница врз основа на судска наредба за издржување на затворска казна од една година и шест месеци за сторено кривично дело „кражба“, казниво по член 235 од Кривичниот законик. Претходно, Б.Ј. била пријавена од 30-годишниот тетовец А.С. дека во неговата куќа на оваа улица извршила кражба и одзела повеќе предмети, кои подоцна биле пронајдени и му биле вратени. Б.Ј. била спроведена во Казнено-поправната установа Затвор Идризово во Скопје за издржување на казната.
Шеесет и шестгодишниот Р.Д. од тетовско Нераште, вчера (19 март) во 17 часот и 10 минути во СВР Тетово пријавил дека околу 16 часот и 30 минути пред неговиот дом физички бил нападнат од соседот С.Д., поради недоразбирања околу паркирање на нивните возила. Се расчистува и документира случајот.
Четириесет и петгодишниот Ф.А. од тетовска Голема Речица, вчера (19 март) во 13 часот и 30 минути во СВР Тетово пријавил дека околу 11 часот и 30 минути во близина на тетовско средно училиште, во кое учел, неговиот малолетен син физички бил нападнат од И.А., татко на негов соученик. Според пријавеното, тој претходно имал вербални недоразбирања со синот на напаѓачот, кој му се заканил и со остар предмет. Се преземаат мерки за расчистување и документирање на случајот.
Вчера (19 март) во 15 часот и 20 минути, И.Ш.(37) од тетовско Камењане во СВР Тетово пријавил дека околу 14 часот на улица „Илинденска“ во Тетово, тој и неговиот син физички биле нападнати од две лица, кои со возило им го попречиле патот. Се расчистува и документира случајот.
Триесет и тригодишниот И.И. од тетовска Шипковица, вчера (19 март) во СВР Тетово пријавил дека околу 21 часот пред угостителски објект на улица „Маршал Тито“ во Тетово физички бил нападнат од 33-годишниот А.Н. од тетовско Фалише. Се расчистува и документира случајот.