Реакција на Јавна Установа Национален Парк Шар Планина во однос на протестот на жители од Општина Јегуновце
Во Националниот парк Шар Планина се вклучени сите планински села со цел покрај заштитата да им се овозможи развој и придобивки од прогласувањето на подрачјето за Национален парк.
Разочарува разбирањето на жителите на неколку населени места од општина Јегуновце кои протестираа на 14.10.2023 година дека прогласувањето го разбираат како загуба, а не како добивка, додека постојат села како Гајре што пак бараат да бидат вклучени во паркот.
Границите на паркот се поставени на транспарентен и инклузивен начин, со бројни консултативни состаноци, теренска работа и јавни расправи. Процедурате е законски регулирана и во целост испочитувана. Воедно, целата Македонска јавност е информирана дека прогласувањето не се случи преку ноќ, напротив беше долгогодишен процес.
Правото на стопанисување со шумите е комплетно регулирано. Јавната Установа Национален парк Шар Планина интегрално управува со сите ресурси на територијата на Националниот парк, додека со шумите во приватна сопственост управуваат сопствениците, но во рамките на пропишаната законска регулатива која произлегува од Законот за шуми. Правилата за користење на дрва од сопствена шума на сопствениците на приватни шуми им се добро познати и практично единствената разлика сега е што одобренијата не ги издава Јавното Претпријатие Национални шуми туку Јавната Установа Национален Парк Шар Планина.
Надвор од границите на паркот управува ЈП Национални Шуми, кое веќе ја одвои својата планска документација од површините со кои управува ЈУНП Шар Планина. До сега не сме имале проблематично барање во кое е спорно дали ЈП Национални Шуми или ЈУ НП Шар Планина управува со одредена површина. Доколку некој од сопствениците има ваков проблем или дилема го повикуваме да се обрати за да најдеме заедничко решение.
Во однос на екипираноста, ЈУНП Шар Планина е екипирана и комплетно функционална институција. Веќе имаме процесирано повеќе од 150 барања за одобренија за сеча во приватни шуми и спроведуваме мерки за санирање на оштетени шумски површини на три локации со чистење и пошумување.
Најчест проблем со користењето на шумите во приватна сопственост е што луѓето си ги немаат решено имотно правните односи, а законите се јасни, без комплетна документација не се издава одобрение за сеча. Добар пример е господинот од село Пршовце кој поднел барање пред три месеци. При самото поднесување на документите тој е известен дека сечата не му е одобрена и ќе може да добие одобрение за сеча откако ќе ја комплетира поднесената документација со согласност на братот кој во моментот е надвор од земјата, а се јавува како сосопственик на имотот.
Косењето на ливадите, користењето дрво за огрев, собирањето костен, пасењето, и сите други активности за кои овие луѓе протестираат се права кои по ништо не се разликуваат од правата на оние жители на 25 постојано населени места кои се наоѓаат во самиот Национален Парк.
Како и во другите Национални паркови во државава, а и во околните земји, во НП Шар Планина се наоѓаат и приватни и државни имоти. Правото на сопственост е уставно загарантирано и прогласувањето на подрачјето за заштитено е всушност во бенефит на жителите затоа што покрај шумската, редовната и граничната полиција сега на терен ги имаат и чуварите на природата. За да се заштитат имотите и ресурсите (шумите, костените, возење низ шумите и ливадите, палење оган, итн.) од кражби и други илегални активности, воведен е режим на движење и секој посетител може без никакви ограничувања да го посети паркот. Единствено што треба е да ја пријави својата посета на овој линк https://www.sarmountain.org.mk/evidenten-list-posetiteli, а со самото регистрирање ренџерската служба добива веднаш известување, што значи не е потребно да се добива никаква писмена дозвола и не се наплатува за посетата во паркот. За луѓето кои живеат или имаат имоти во паркот се разбира нема никакви ограничувања и токму поради нивните секојдневни активности кога беше воведена забрана за движење од пожари насекаде во државата, ЈУНП Шар Планина не воведе забрана но ги зголеми теренските патролирања.
Во однос на селските сечи, со жителите на овие населени места имавме неколку состаноци, поднесоа писмено барање и веднаш им беше испратен писмен одговор. Сеча во државна шума или како народски се нарекува, селска сеча, ќе биде дозволена откако ќе бидат подготвени плановите за управување со шумите. Со подготовката на овие планови ќе се направи практично комплетен преглед на шумските ресурси и ќе се воспостави дијагноза какви мерки треба да се превземат за да се подобри нивниот квалитет.
Шар планина не е само делот на овие 4-5 села, паркот опфаќа 62 705 ha, површина во која има многу шуми со различна состојба и квалитет. Многу од нив се оштетени од пожари во изминати години, крадени, преискористувани итн. што довело во голема мера да се наруши нивната основна заштитна улога, заштита на населените места во подножјето. Само пред 2 месеца имавме појава на порој во Теарце, а поради климатските промени такви појави ќе има се почесто. Законите и правилата се поставени пред се за да се заштитат луѓето и имотите, а тука имаме апсурдна ситуација каде во државната шума населението бара да постапува по своја лична проценка.
Шар Планина има доволно шумски комплекси за да обезбеди огревно дрво и за жителите во паркот и оние кои имаат свои имоти, но шумите се општо добро и национално богатство. Затоа користењето на овој ресурс е регулирано со законот за шуми, законот за природа, инспекциските служби и низа институции кои поставуваат критериуми како треба да се управува со нив. Притисокот од оваа потреба го чувствуваме и ние како установа и поради тоа правиме напори подготовката на плановите за управување со шумите да биде направена во што поскоро време, но додека бидат одобрени не сме во можност да издадеме дозвола за сеча во државна шума.
Туризмот беше исто така споменат и е посебна тема. Не е комплетно јасно како жителите на овој дел од Полошкиот регион го разбираат прогласувањето на Националниот парк како штетно за развојот на туризмот додека секаде во светот најпосетуваните места се во заштитени подрачја.