Како најдобро да започне и да заврши еден викенд, ако не со музика. Изминатиов викенд започна со првата, а заврши со втората фестивалска вечер на Лешочкиот камерен музички фестивал. Духовно-културниот центар „Кирил Пејчиновиќ“, којшто се наоѓа во комплексот на манастирот свети Атанасиј во Лешок, две вечери беше место на кое во петокот, на 15 септември започна, а во неделата на 17 септември 2023 година заврши третото издание на Лешочкиот камерен музички фестивал. Организатор на фестивалот е Дуетот Кировски, односно Љубиша Кировски (виолина) и Маја Шутевска-Кировска (пијано). Овој дует е присутно на концертниот подиум веќе 30 години со голем број настапи и награди и тоа не само во Македонија туку и надвор од неа. Токму ова долгогодишно искуство ги поттикна да го организираат, веќе трета година по ред, Лешочкит окамерен музички фестивал.
Идејата на организаторот на фестивалот да учествуваат млади уметници како и уметници од странство се реализира на втората, воедно и последна фестивалска вечер.
Во првиот дел на вечерта учествуваа младите Маја Николовска-Ѓумар, сопран и Ана Гаштаровска, пијано, а во вториот гостите од странство Иван Оташевиќ, виолина во пијано придружба на Сњежана Поповиќ-Вулета од Бања Лука, Република Српска, БИХ.
Од особена важност за секој млад уметник во градењето на својата кариера е да добива поддршка за својата работа што воедно би значело не само поттик туку и искуство за понатамошно делување, што овој фестивал тоа го овозможува.
Мила Николовска-Ѓумар е млад и надарен уметник од Скопје која потекнува од музичко семејство на која музиката ѝ е во гените и следствено на тоа неминовно е и таа да се пронајде во музиката. Дипломирала на Факултетот за музичка уметност при УКИМ во Скопје на одделот по соло пеење во класата на проф. м-р Весна Гиновска-Илкова со оценка 10. Член е на хорот на Националната опера и балет. Зад себе има бројни настапи како во текот на школувањето, така и подоцна. Како солист настапува на манифестации како „Руска романсијада“, „Вечер на италијанска музика“, Денови на македонската музика, „Слободна музичка среда на МММ“, „Musica Viva“ итн. Интересно е тоа што Мила своето образование како соло пејач го користи мошне успешно и во други жанрови со настапи на фестивалите „Макфест“ и „Охридски трубадури“, „Скопско лето“ на концертот „Стари песни-Нови ѕвезди“ како и во мјузиклот „Тајно моја“.
Вечерта посветена на соло песната започна со изведба на четири од циклусот од седум песни „Цигански мелодии“ оп. 55 за сопран и пијано од чешкиот композитор, претставник на националната школа Антонин Дворжак. По ова следуваа изведби на арии од оперите „Иван Сусањин“ (Романса на Антонида) од рускиот композитор Михаил Глинка, аријата на Мими (Quando m’en vo) од операта „Боеми“ на италијанскиот композитор Ѓакомо Пучини и аријата „Volta I terrea“ од операта „Бал под маски“ на италијанскиот композитор Ѓузепе Верди. Она коешто го привлече вниманието уште на почетокот беше впечатливата, прекрасна боја и волумен на гласот на младата сопранистка. Делата коишто мошне емотивно ги изведе го претставија нејзиниот чист глас и вродената музикалност и посветеност на она коешто таа го работи. Настапот на Мила Николовска-Ѓумар беше придружуван од исто така младата пијанистка Ана Гаштаровска. Нивната успешна соработка беше забележителна во севкупниот впечаток којшто го оставија на присутните во салата.
Ана Гаштаровска која на почетокот имаше улога на пијано придружба на изведбата на Мила, концертот го заврши со изведба на Сонатата за пијано во три става бр. 31 во Ас-дур оп. 110 од германскиот композитор Лудвиг ван Бетовен. Според американскиот пијанист Џонатан Бис, којшто ги има снимено и ги изведува сите 32 сонати на Бетовен, оваа соната претставува „патување во бесконечното“. Иако млада, Ана со својот талент и техничка виртуозност покажа зрелост во изведбата на ова дело. Таа, родена 1999 година во Скопје, започнува да учи пијано уште на деветгодишна возраст и оттогаш постојано ниже успеси. Дипломира на Факултетот за музичка уметност при УКИМ во Скопје на одделот по пијано во класата на проф. д-р Ана Гацева со оценка 10. Учествува на концерти и на бројни државни и меѓународни натпревари. Посетува семинари кај истакнати и реномирани пијанисти. Освен високи награди и признанија од натпревари по пијано, биографијата на Ана бележи награди за камерна музика како и за други музички предмети (солфеж, хармонија, историја на музика). Настапува на фестивали како „Денови на македонска музика“, на концерти организирани од Музичка младина на Македонија, на концерти по повод чествување на словенските просветители Св. Кирил и Методиј во Охрид. Освен како солист и камерен музичар, таа настапува со оркестри меѓу кои и оркестарот на Fame’s European Orchestral Performing Institute. На 3 август оваа година остварува солистички концерт на фестивалот во Рим, Concerti del Tempietto. Од минатата година работи хонорарно како корепетитор на Факултетот за музичка уметност во Скопје.
Програмата на годинешниот фестивал имаше своја градација. Започнувајќи со изведби на аранжмани на популарни дела, на крајот, во вториот дел од втората вечер, фестивалот заврши со т.н. „стандарден репертоар“ на делата за камерната музика како што се делата на Ѓ. Тартини, Х. Виењавски и др.
Со настапот на уметниците Иван Оташевиќ, виолина и Сњежана Поповиќ-Вулета од Бања Лука, Република Српска, БИХ, успешно се реализира уште една идеја на организаторот, а тоа учество на изведувачи од странство.
Виолинистот Иван Оташевиќ е роден во Белград каде што дипломира и магистрира на тамошната Музичка академија во класите на проф. Урош Пешиќ и проф. Марија Јокановиќ. За време на школувањето има освоено бројни награди на фестивали, републички, сојузни и меѓународни натпревари, а како солист има настапувано не само во Република Српска туку и ширум Европа. Истовремено посетува мајсторски работилници и семинари на реномирани педагози по виолина. Еден е од основачите на Филхармонијата во Бања Лука и нејзин долгогодишен директор и уметнички раководител. Освен солистичка кариера, Оташевиќ развива активна дејност во разновидни ансамбли, одржува семинари, членува во Музиколошкото друштво на Република Српска (БиХ), Здружението на музичките уметници на Република Српска како и во други асоцијации. Од 2005 година е постојано вработен на Академијата за уметности на Универзитетот во Бања Лука како вонреден професор по виолина, а од 2012 година е раководител на Катедрата за гудачки инструменти.
Сњежана Поповиќ – Вулета е родена во Загреб, основното и средно музичко училиште го има завршено во Бања Лука, а дипломирала и магистрирала на Факултетот за музичка уметност во Белград во класата на проф. Дубравка Јовичиќ. Се усовршува на курсевите организирани од еминентни имиња на педагози. Поповиќ-Вулета има долгогодишно искуство на концертниот подиум преку учество на фестивали (Охридско лето, Сараевска зима, Меѓународен музички фестивал „Nei suoni dei luoghi“ во Италија итн.) како солист, во ансамбли, но и како пијано соработник. Настапувала во Белград, Нови Сад, Бања Лука, Сараево, Требиње, Јајце и други места. Член е на жири на државни и меѓународни натпревари. Моментално работи на Академијата за уметности во Бања Лука како редовен професор по пијано, пијано практика, корепетиција и а виста. Настапува како солист, член на пијано дует, пијано трио и како пијано соработник.
Програмата на гостите од Бања Лука беше составена од дела за виолина и пијано според епохалните периоди на нивните настанувања – од барокот, преку романтизмот, па сè до дела создадени кон крајот на 19 и почетокот на 20 век. Концертот го започнаа со изведба на две сонати за виолина и пијано. Првата беше Сонатата во g-moll оп. 1 бр. 10 во 4 става наречена Didona abbandonata од Ѓузепе Тартини (1692-1770), композитор и виртуоз на виолина од периодот на барокот за кого неговите современици сметале дека тој не свири, туку пее на виолината. Тој е еден од најголемите виолинисти според убавината на изведениот тон. Како виртуоз на виолина тој воведува нова техника за која оставил пишан запис којшто се смета за прв во 18 век во кој е обработена вештината и начинот на украсување.
Второто дело на програмата во кое дуетот прикажа високи изведувачки способности беше виртуозната Соната бр. 3 во c-moll оп. 45 од композиторот од периодот на романтизмот, претставникот на норвешката национална школа Едвард Григ (1843-1907). Григ има напишано три сонати за виолина и пијано и за нив авторот вели дека „Тие ги карактеризираат трите периоди на мојата сопствена еволуција. Првата, генијална и полна со нови идеи; втората, националистичка, а третата, свртена кон пошироки хоризонти“.
Швајцарско-американски композитор, виолинист и педагог Ернест Блох (1880-1959) потекнува од еврејско семејство и негови дела застапен е токму еврејскиот мелос. Таков е случајот и со една од најпознатите дела наречено „Нигун“, изведена на вечерашната програма. Насловот на композицијата доаѓа од истоимениот збор што означува песна без зборови испеана од хасидските Евреи како средство за издигнување на душата до Бога.
Хенрик Виењавски (1835-1880), полски виртуоз на виолина, композитор и педагог, еден од најистакнатите виолинисти во 19 век. Неговите дела секогаш се едни од омилените меѓу изведувачите и слушателите. Од неговиот богат опус, на крајот на програмата беше изведено делото Полонеза и концерт оп. 4.
Иван Оташевиќ и Сњежана Поповиќ – Вулета се претставија со разновидна програма при што публиката можеше да ужива во една исклучително врвна интеракција помеѓу виолинистот и пијанистката во сите дела, особено во Сонатата на Григ. Двајцата уметници покажаа дека станува збор за искусни изведувачи со висока техничка подготвеност, интонативна прецизност и пренесувајќи високо ниво на интерпретација со што дадоа прекрасен завршеток на фестивалот.
Организаторот на Третиот лешочки камерен музички фестивал нѝ приредија две прекрасни вечери со што уште еднаш успешно ги реализираа основните идеи и замисли. Публиката имаше убава прилика да ужива во убавината на камерното музицирање со изборот на салата, местото, програмата и учесниците. Настапија дуети разновидни по состав (виолина и виола, виолина и гитара), глас и пијано како и виолина и пијано). Програмата понуди различни жанрови, од популарни композиции, аранжмани на филмска музика, арии од опери до композиции од стандардниот репертоар на делата за камерната музика. Настапија млади кои се на почетокот на своите кариери, како и изведувачи со поголемо искуство. Беа застапени музичари кои потекнуваат од полошкиот регион и уметници од двете етнички заедници коишто живеат на тој регион. Лешочкиот камерен музички фестивал придонесе во збогатувањето на духовноста на манастирот свети Атанасиј во Лешок како и во целиот регион.
Соња Андонов, музиколог, 18 септември 2023 година