Ревија на стари народни носии, за учениците од вишите и нижите одделеније, се одржа денес во организација на Културно-уметничко друштво и Фолклорен ансамбл „Иљо Антески – Смок“, а со поддршка на основното училиште „Братство-Миѓени“ објект Спортски центар.
Целта на ревијата беше запознавање на најмладите со културното наследство каде спаѓаат носиите, како и зачленување на нови членови во друштвото.
„На ревија на народни носии можеше да се видат носии од повеќе краеви на Македонија, како на пример женски носии од етничкиот предел Долни Полог, Тетовска стара носија – Ала турка, носија од села под Сува Гора, носија од кичевскиот регион, битолскиот регион, село Буково, носија од Егејска Македонија, носија од мариовкиот крај. Оваа ревија се организира со цел афирмација и промоција на македонската народна носија и култура, како и зачленување на нови членови во ансамблот“ изјави Бобан Трпковски, уметнички раководител на Фолклорниот ансамбл „Иљо Антески – Смок“.
Училиштето веќе соработува со ансамблот и го ослободува просторот за одржување на активности на литеретурна секција, ликовна секција при КУД „Иљо Антески – Смок“.
„Како училиште ги поддржуваме ваквите фолклорно, културно-уметнички друштва, со цел зачувување и негување на традицијата. Како и запознавање на дечињата од мали нозе како се живеело, пеело, се облекувале во минатото, да го продолжиме коренот. Да има активност во градот нешто повеќе од рамките на редовната настава. По предметите општесто и историја учениците учат, се запознаваат со традицијата во родниот крај. Но, убаво е за децата да ги видат во живо носиите, има и селски и градски носии, градска тетовска носија. Тоа што го учат во теорија практично да го видат. Денеска е како еден празник во нашето училиште, интересно доживување што на децата ќе им остане во меморија, во спомен. Најважно е и да се пријават и да учествуваат во вакви активности, каде се негува културата, историјата и традицијата на македонскиот народ и родниот крај,“ изјави Даниела Апостолоска, помошник директорка на училиштето.
ФОТОГРАФИИ на страницата на Тетово инфо на Фејсбук: