СВР Тетово информира дека минатиот месец за санкционирање на пребрзо возење во и надвор од населено место на поширокото тетовско подрачје биле изречени 542 мерки, претежно со изготвување на поднесоци со парични глоби од 45 до 400 евра во денарска противвредност, а некои и со времено одземање на нивните возачки дозволи од три месеци до една година.
Минатиот месец, исто така, изречени се и 50 мерки за управување на возилата под дејство на алкохол, односно двојно повеќе од лани во истиот период, како и 130 мерки за управување без положен возачки испит и валидна дозвола за тоа или 24 повеќе од минатогодишниот декември.
Секторот за внатрешни работи Тетово продолжува со засилени контролни и други активности и овој месец и посебно апелира до возачите да внимаваат со која брзина се движат, посебно во населените места, зашто вкупната сообраќајна динамика е мошне голема, пред се како резултат на осетно зголемениот број возила и пешаци во Тетово и околните места.