Во среда, на 2 октомври 2024 година, со концертите на младите музички надежи и гостите од странство заврши четвртиот Лешочки камерен музички фестивал. Оваа веќе традиционална манифестација годинава се одржа во две фестивалски вечери – на 30 септември и 2 октомври. На двете вечери публиката имаше можност да проследи по два концерта со што се реализираа сите заложби на организаторот да учествуваат музички уметници од двете националности, македонската и албанската, коишто живеат во Полошкиот регион, промовирање на млади уметници како и на гости од странство. Сето тоа овој фестивал придонесува кон, како што повторно истакна уметничкиот директор на фестивалот Маја Шутевска-Кировска „приближување на различните култури преку универзалниот јазик на музиката“.
Лешочкиот камерен музички фестивал и оваа година дел од програмата отстпи на младите музички надежи со што се овозможи Лешок да биде едно од местата кадешто ќе се представат, промовираат воедно и ќе стекнат искуство, неопходно во нивната натамошна кариера. На втората фестивалска вечер настапи Никола Соколовски на кларинет во пијано придружба на Билјана Петровска, и Филип Трајковски на хармоника којшто на програмата настапи како солист и во дует со кларинетистот Соколовски.
Од мошне богатата музичка литература за кларинет, младиот Никола се претстави со убаво конципирана и сериозна програма. Својот јавен настап го започна со две композиции од италјански автори. На почетокот ја разнежи публиката со ,,Романсата“ на Мишел Мангани со која ја истакна својата музикалност, а потоа со ефектното „Рондо“ на Ѓулио Бонард покажа стабилно чувство за ритам со убаво заоблени фрази. Со изведбата на првиот став (Алегро) на Концертот за кларинет бр. 2 од гермнскиот композитор Карл Марија фон Вебер како и „Интродукција, тема и варијации“ на италјанскиот композитор Ѓоакино Росини младиот уметник потврди една зрелост и сигурност што импонира. Никола Соколовски е роден 2006 година и е ученик во четврта година при ДМБУЦ „Илија Николовски – Луј“ во Скопје во класата на м-р Никола Јованов. Тој има учествувано на многу мастеркласи со еминентни кларинетисти, на државните и меѓународните натпревари освојува високи награди, а на повеќето од нив е прогласуван за лауреат. Минатата, 2023 година, има одржано два солистички концерта во Скопје и Тетово. На вечерашниот концерт Соколовски настапи во пијано придружба на Билјана Петровска, активен музички уметник насочен претежно кон камерното музицирање.
Како гостин на овој концерт настапи Филип Трајковски на хармоника. Трајковки (2006) е исто така ученик во четврта година при ДМБУЦ „Илија Николовски – Луј“ во Скопје во класата на Љупчо Колевски. Добитник е на први места и специјални награди на државни и меѓународни натпревари. Како солист тој ја изведе „Романсата“ на францускиот композитор Франк Ангелис и третиот и четвртиот став на „Карпатската свита“ на украинскиот композитор Владимир Зубицки, еден од најзначајните композитори за хармоника во 20 и 21 век. И двете дела бараат совршена техника и исклучителна виртуозност, а сето тоа младиот хармоникаш го поседува. На крајот, Филип Трајковски и Никола Соколовски настапија како дуо изведувајќи го популарното „Танго за Клаудија“ на францускиот виртуоз на хармоника Ришар Галиано. Младите изведувачи покажаа младешки шарм и свежина, подготвеност за натамошни солистички и заеднички успеси.
На Лешочкиот камерен музички фестивал како гости од странство настапи Руја Танер од Турската Република Северен Кипар, пијано и Куршат Башар од Турција на саксофон. Пијанистката Руја Танер своето музичко образование го започнува во Анкара, а дипломирала во Лондон на Факултетот за музика и драма со звање „Концертна пијанистка“. Со концертна дејност започнува уште за време на школувањето, како солист, во камерни состави и на концерти со оркестар ширум светот.
Саксофонистот Куршат Башар дипломирал на катедрата за Филозофија на Универзитетот во Истанбул. Тој е истовремено и новинар и музичар. Своите есеи, колумни и сл. ги има објавено во неколку книги. Водител е на програма наречена „Куршат Башарла“. Како музичар настапува со познати пејачи од Турција со истоимениот оркестар „Куршат Башлар“. Тој работи со најдобрите диригенти, најдобрите солисти и музичари во Турција на различни проекти со својот оркестар. Со проектот “Regional to Global” (Од локално до универзално) заедно со пијанистката Руја Танер настапуваат низ целиот свет, а аранжманите за сите дуо композиции се нивни. Со дел од овој проект публиката во Лешок имаше прилика да се запознае на последниот концерт на годинешното издание на фестивалот во Лешок.
Гостите се претставија со интересна концепција на програмата. Беа изведени популарни композиции аранжирани за саксофон и пијано во коишто доминираше делницата на пијаното додека саксофонот додаваше една медитативна нота во севкупниот впечаток со дискретно вметнување на т.н. smooth jazz манир. Meѓу овие дела пијанистката Руја Танер настапи како солист изведувајќи ги делата: етидата „Воздишка“ (Un Sospiro) од унгарскиот композитор Франц Лист, Три композиции од „Фантастични пиеси“ оп. 12 од германскиот композитор Роберт Шуман, „Месечева светлина“ од францускиот композитор Клод Дебиси и „Скерцо“ од рускиот композитор Александар Бородин. Со изведбата на овие дела запознавме еден мошне инспиративен репродуктивец, пијанистка којашто поседува совршена техничка виртуозност, уметник којшто со својата изведба го облагородува слушателот на еден нов, свеж начин. Покрај атрактивната концепцијата на програмата, уметниците остварија и необичен контакт со публиката. На крајот на програмата Танер ѝ се обрати на публиката на македонски јазик со зборовите „подарок за вас“ по што следуваше изведба на една од најпознатите, најизведуваните и најобработувани македонски народни песни „Јовано, Јованке“ во аранжман за саксофон и пијано.
И оваа година публиката во двете фестивалски вечери имаше прилика да ужива во убавината на камерното музицирање. Програмата понуди различни видови камерни состави со интересна програма со дела од периодот на романтизмот па сé до денес, а публиката беше почестена со неколку праизведби на дела за гитара. Четвртото издание на Лешочкиот камерен музички фестивал и оваа година ги оправда очекувањата на организаторот. Настапија млади коишто се на почетокот на својата кариера, како и изведувачи со поголемо искуство. Беа застапени музичари кои потекнуваат од полошкиот регион и уметници од двете етнички заедници кои што живеат на тој регион. Лешочкиот камерен музички фестивал допринесе во збогатувањето на духовноста на манастирот свети Атанасиј во Лешок, но и во целиот регион. Со нетрпение го очекуваме петтото, јубилејно издание на Лешочкиот камерен музички фестивал следната година.
Четвртиот Лешочкиот камерен музички фестивал претставува проект од национален интерес во културата за 2024 година поддржан од Министерството за култура и туризам на Република Северна Македонија.
Соња Андонов, музиколог