Општинскиот совет за превенција од детство престапништво одржа работилница на тема „Улогата на воспитно образовните институции и општината во превенција на детското престапништво“.
Оваа работилница беше првата активност којашто Општинскиот совет ја организираше со засегнати страни, наставници, ученици, родители и стручна служба во училиштата. Досега претставниците на повеќето институции кои членува во Општинскиот совет споделувале институционални податоци за состојбите со детското престапништво.
Учесниците од училиштата претежно посочуваа на повеќе проблеми поради кои нема или отежнато се одвиваат превентивни активности за да се спречат девијантни појави кај учениците.
– Треба да се работи повеќе на педагошкиот триаголник, кој се состои од наставник, дете и родител. Видовме дека постои потреба да се работи што повеќе во оваа насока за да се зајакне соработката на трите субјекти. Треба повеќе да се работи со децата да бидат повеќе информирани, со нашето законодавство, дека на пример ако го прекршат законот ќе сносат кривична одговорност. Повеќе од учениците не ни знаат дека од 14 години кривично може да одговараат. Имаме деца и од 11 години како пријавени или осомничени за различни кривични дела, видовме според статистиките. Склони се децата кон тешки кражби, насилството и девијантни дејствија, употреба и продавање на дрога, проституција, посочи Блерта Ахмеди, претседателка на Општинскиот совет.
Дел од учесниците посочија дека дури е и алармантна состојбата, со оглед дека децата се во групата на луѓе кои прават најтешки кривични дела како што се убиства, продажба на дрога и насилство.
– Слушавме дека има триесет случаи на деца над 14 години кои продаваат дрога, а колку ли има што консумираат дрога, како и девојчиња кои се продаваат за пари. Под итно мора секој да зборуваме со учениците, жалосно што децата се паднати на дно. Училиштата го имаат изгубено авторитетот. Се почнува од семејството, родителите се презафатени, немаат доволно време, но за дел од тие деца веќе е доцна за реакција. Апел до родителите, некогаш не вреди да се оди на работа кога гледаш дека училиштето те повикува еднаш-два пати за детето, изјави Сихана Каба Касами, директорка на ООУ „Кирил и Методиј“-Тетово.
Психологoт Билјана Радичевска, која членува во Општинскиот совет од редовите на невладиниот сектор посочи дека потребно е зајакнување на свеста и охрабрување да се пријавуваат проблемите како начин на превенција.
– Ова што сега се зборува е последна инстанца каде што се стигнати-малолетничката деликвенција е нешто што веќе се појавило. Нашата превенција треба да биде на почетоците, кога се јавуваат првите проблеми кај учениците. Заради тоа се стручните тимови во училиштата. Тоа што треба да се детектира за време на настава, за да не дојде до несоодветно однесување кај учениците. Да се охрабрат, да се поддржат оние што сакаат да пријават какво било насилство, тоа е начинот на основата превенција, информациите. Следење на учениците, да се види што прават родителите во тој сегмент, што прават училиштата што се случува нешто со детето, изјави Радичевска.
Дел од педагозите и психолозите посочија дека се премногу малку како стручна служба за да одвојат повеќе време за превенција. Наставниците посочија дека и самите некогаш се жртва на насилните ученици и родители.
– Вистина е дека немаат соодветни услови. Се согласувам со нив бидејќи е мал бројот на стручен кадар вработен во училиштата. Невозможно е само еден педагог или психолог да се работи со поголем број на ученици. Во едно средно училиште немаме ни вработен психолог. Во рамки на тие класни часови наставниците работат на одредени теми и ние ќе им пружиме поддршка за да овие теми се актуализираат што повеќе со учениците, посочи Блерта Ахмеди.
Истакнатите ставови и посочени проблеми од оваа работилница заедно со статистиките на институциите ќе се искористат за составување на годишната програма за работа на Општинскиот совет за превенција од детство престапништво во 2024 година.
ас