И понатаму во делови од Тетово во вечерните часови се чувствува непријатна миризба на изгорен смет и запалена пластика. Граѓаните како и на крајот на јуни со дописи до нашата редакција посочуваат дека тешко се дише навечер во градот и бараат од општината да се најде решение.
-Поради ѓубрето што го палат секоја вечер не се отвора прозорец. Нека се преземе некоја одговорност, вели жителка на Тетово.
-Со голема загриженост сакам да споделам дека во Тетово источниот дел поточно улицата кај што живеам „Мирче Ацев“ секоја ноќ во интервал 22:00-24:00 и во рани утрински часови 05:00-06:00 се чувствува страшно неподнослив мирис на изгорена пластика или отпад, поточно на мирисот ист кога имаше пожар во фабриката во западниот дел од градот кон Скопје. Чувствувам опасност од труење, ни порача уште еден жител на градот.
Градоначалникот на Тетово, Биљал Касами изјави дека ќе побара од службите дополнителни контроли за да се најде причината.
-Според досегашните информации нема такво нешто во претоварната станица. Ако се работи за градот, за несовесни граѓани, ќе треба да проверам во инспекцијата дали има официјално барање за да се интервенира. Ако има такви ситуации ќе направиме дополнителни контроли за да видиме дали се работи за несовесност на граѓаните и да интервенираме, истакна Касами од Фалише каде имаше пуштање во употреба на нова пумпна станица.
Тетово инфо на 29 јуни објави информација за истата состојба. Тогаш од Територијалната противпожарна единица Тетово истакнаа дека неколку дена претходно имале една интервенција на пожар каде гореле пластични материјали на потегот од Тетово кон Требош на една локација.
ас