Учениците од VI-1 и VI-2 одделенијата во ОУ „Лирија“ изработиле вистински ремек-дела по најновиот слободен изборен предмети Архитектура и градежништво, па наставниот кадар одлучи тие да бидат претставени на училишна изложба.
Слободен изборен предмет Архитектура и градежништво е нов изборен предмет по новата концепција во образованието и се одвива само едно полугодие, а ментор е наставничката Габриела Петровска.
Целите на наставата се практична и интерактивна работа, од реализација на технички цртеж, техничко писмо и урбанистички план па се до готов проект. Наставата вклучува историја на развој на архитектурата од древните цивилизации, среден век па се до денес.
„Зошто архитектура и градежништво? Затоа што љубопитноста, систематичноста и иновативноста се клучни за развивање на научноистражувачката мисла. Според новата концепција во образованието, како слободен изборен предмет во нашето училиште, учениците преку интерактивна настава прифаќаат дека успехот во животот во голема мера зависи од целите кои ќе си ги постави, а од начинот на кој ги планира активностите и ќе го организира времето во голема мера зависи ефикасноста и ефективноста во остварувањето на поставените цели. Преку самата практика која се одвива, ученикот има можност да ги поврзе сознанијата од науките со нивната примена во техниката и технологијата и со секојдневниот живот, развива план за изработка на продукт со употребна вредност, да го изработи тој модел, користејќи соодветни материјали, алатки и постапки и да ја провери неговата функционалност, изјави наставничката Габриела Петровска.
Учениците со овие макети покажале креативност, иницијативност и истрајност.
„Најмногу ме радува што овој слободен изборен предмет овозможи да учениците дојдат до заклучок дека иновациите и претприемништвото се значајни за економскиот развој на општеството. Преку изработка на макети/модели од стара Македонска архитектура и модерна архитектура се креира позитивна работна клима во училницата како резултат на детската креативност, иницијативност и истрајност. Огромна благодарност за родителите на нашите вешти ученици кои несебично помагаа во дел од активностите и покажаа голем интерес за овој наставен предмет“, истакна наставничката Габриела Петровска.
ас