Последните неколку дена, особено во утринските и доцните вечерни часови, во тетовско-гостиварскиот регион има релативно ниски температури, кои ја интензивираа грејната сезона, не само во домовите, туку и во стопанските, јавните и други објекти.
Поради ова, значително се зголемува можноста за пожари, пред се како резултат на човечко невнимание, застарени и дотраени електрични инсталации во зградите, неисправни печки и навреме неисчистени оџаци во куќите или станбените згради.
Секторот за внатрешни работи-Тетово повторно апелира до граѓаните на максимална внимателност, поточно да не ги оставаат вклучени грејните тела кога подолго време не се дома или во работните простории, а особено не греалки, клима уреди или печки на дрва.
Затоа што е потребна само мала искра за да се запали голем пожар со сериозни материјални и други последици. Ова особено се однесува на станбените згради, каде локализирањето на пожарите е многу потешко, поради недостиг на потребна опрема во многу од нив и отежнатиот пристап до зградите, главно поради градежни или други причини.
На сопствениците и станарите во зградите им се препорачува да ги проверуваат и чистат оџаците најмалку двапати годишно, но и да не ги преоптоваруваат инсталациите со вклучување на неколку електрични апарати одеднаш.
Бидејќи, според член 288 од Кривичниот законик, предизвикување јавна опасност е кривично дело за кое е предвидена казна затвор од шест месеци до пет години, а ако е сторено од небрежност, казната е до три години.
Затоа, се молат граѓаните да продолжат да ги почитуваат овие апели и упатства, да спречат евентуални пожари и да спречат посериозни последици по нивниот живот и имот