Секторот за внатрешни работи Тетово продолжува со континуираните активности за поголем ред и безбедност со паркирањето во Тетово и Гостивар.
Вчера (27 јуни) во акциска контрола спроведена од 8 до 12 часот биле откриени и санкционирани вкупно 15 прекршоци (ТЕ-9 и ГВ-6). Најголемиот број од нив ( ТЕ-5 и ГВ-6) се однесувале на погрешно запирање и паркирање.
Портпаролот Марјан Јосифоски повторно со апел до возачите да не ги оставаат возилата каде ќе стигнат и посебно во таканаречени „двојни редови“, туку само на места определени за таа намена.
-Ова, дотолку повеќе што веќе е зголемен бројот на возилата во Полошкиот регион и допрва уште повеќе ќе се зголеми. Оттаму, возачите треба да водат сметка за паркирањето и да не се создаваат мешаници, кои неретко завршуваат и со несакани последици, повреди, оштетувања на возилата и слично, посебно во централните градски подрачја, вели портпаролот Марјан Јосифоски.
Сите прекршоци заокружени се со соодветни поднесоци и зависно од прекршокот ќе следат парични глоби кои се движат од 40 до 180 евра во денарска противвредност.