Професорите и другите вработени во тетовската гимназија „Кирил Пејчиновиќ“ платите за ноември наместо до 15 декември ги добија денес, откако утринава првите два часа не одржуваа настава. Тие продолжиле со настава од третиот час со оглед на потребите на учениците за поправање на оценки.
Професорите од двата објекти се собраа во централниот училишен објект по што се вратиле на настава.
-Ние бевме единствено школо во цела Македонија коешто и до денес немаше примено ноемвриска плата и е пробиен законски рок во кој истата треба да ја добиеме. Имавме предупредувачки штрајк не сакаме истиот да продолжи, треба учениците да се оценат затоа што доаѓа крајот на полугодието. Но сакаме и обврските што ги има државата т.е Министерството да си ги подмири, односно редовно да добиваме плата, порачаа професорите.
Гимназијата „Кирил Пејчиновиќ“ е единствено училиште во Тетово кое е под ингеренции на Министерството за образование и наука. Двата објекти на гимназијата на 20 и 21 декември беа и без снабдување со електрична енергија поради неплатени сметки и побарувања на извршители.
За да нема проблеми во школото, Општина Тетово побара Министерството за образование да врати назад надлежностите за гимназијата.
А.С