На годинешното 61-во издание на манифестацијата „Денови на македонската фотографија“на Фото сојузот на Македонија првата награда за колекција на фотографии ја доби тетовскиот фотограф Драги Неделчевски. Наградените се трите негови фотографии насловени Колекција-Артефакти.
– Оваа награда многу ми значи затоа што на конкурсот имаше пријавено 330 фотографии од преку 70 фотографи, а стручното жири одлучи да ми додели прва награда за колекција фотографии. Фотографиите од оваа колекција се исчекор од моите главни преокупации во фотографијата, така што уште повеќе ме радува оваа награда. Очигледно, жири комисијата умееше тоа да го препознае. Им благодарам за донесената одлука, како и и за постојаната поддршка од сите колеги фотографи во Македонија. Секако, ова за мене е дополнителна мотивација и поттик уште повеќе да правам добри и содржајни фотографии. Јас од Фото сојузот на Македонија имам добиено звање Фотограф I-ва класа, а со учество на изложби и особено со добивање награди се доближувам до звањето Кандидат мајстор на фотографија, изјави Драги Неделчевски.
Драги Неделчевски е член на фото групата Чкрап од Тетово. Изложбата на наградените фотографии и доделувањето на наградите се одржа вчера во Кинотека на Македонија во Скопје.
ас
фотографија Небојша Гелевски