Затворањето на „Фестивалот на фестивалите“ во Требиње донесе уште три награди за членовите на Летечка театарска трупа од Тетово. Стручното жири на „Фестивалот на фестивалите“ Златни маски за најдобра машка и најдобра женска улога“ да добијат Владимир Јованоски и Мелиса Ценовска Серафимовска за улогите на Франц и Елса Вајсман во „Момчето со пругасти пижами“ која драмското студио Летечка Театарска Трупа од Тетово ја изведе на 22 јули. Специјална диплома „Влог во иднината“ стручното жири му додели на Никола Стојаноски за улогата на Бруно Вајсман.
Наградените за најдобра машка и женска улога, за Тетово инфо велат дека се задоволни но се чувствуваат обврзани уште повеќе да придонесат за театарската игра.
„Наградата доаѓа во момент кога ја газам третата деценија на театарската сцена. Сепак, наградата не е привилегија, туку обврска. Од денес сите добитници се врзани и обврзани да бидеме уште подобри луѓе и квалитетни уметници, бидејќи успесите не се крај, туку залог за иднината. И покрај индивидуалната награда, колективниот напор во раѓање на една заедничка успешна и убава приказна е тоа што ја донесе наградата. Секој уметник остава дел од себе во делото кое го создава. Креирајќи ги Елса и Франц Вајсман, пак, ние оставивме дел од нашиот личен однос како другари, а јас, пак, и како ком сестра која ја немам. Тој искрен, емотивен однос е причина за успехот на Вајсманови. Одсуството од задни заткулисни и нечесни игри, другарството и вистинската љубов кон штиците кои живот значат беа пресудни за искрената игра која, пак, ги донесе златните маски на фестивалот. Наградите се на сите нас, а не само наши! Без сите Франц и Елса не можеа да бидат оживеани и доживеани“, изјави Владимир Јованоски.
„Конечно признание на мојот труд, посветеност, а пред сè огромна љубов кон театарот за 15 години активно аматерисување по даските. Моите откажувања од многу друго во досегашниот живот за сметка на театарот, конечно ја добија својата награда. Се надевам вечно да ме краси епитетот – глумица, некако ми е најдраг, а сега и меѓународно признат. Оваа награда исто ми значи и признание дека во моментот мајчинството како животна улога најдобро ми прилега, таа емоција ја пренесов на сцената, чиста, неодглумено – одглумена“, изјави Мелиса Ценовска Серафимовска.
По изведбата на претставата на 22 јули Владимир Јовановски беше награден како најдобар актер.
Фотографии Културен центар Требиње, Радио Требиње