Советот на Општина Тетово одржа вонредна седница на која се усвои одлука за финансиска помош на Јавното комунално претијатие (ЈКП) „Тетово“ со цел да се исплатат плати и хонорари за кои им се должат на работниците за четири месеци од годинава.
Се одлучи износот да биде 25 милиони денари или над 400 илјади евра со што ќе исплатат заостанати плати и хонорари за околу 220 луѓе.
Претставникот на ЈКП Тетово Љуљзим Шаќири пред советниците образложи дека оваа нивна иницијатива е поради неликвидноста и потребата од нормално функционирање. Тој посочи на милионските суми кои ги должат граѓаните за неплатени сметки поради што е дојдено до оваа ситуација.
-Немаме редовна исплата на плати на лица кои се ангажирани со договор на дело од осми месец па наваму и на дел од вработените кои се со решение. Тоа се лицата кои се ангажирани со договор на дело од кои 80 отсто се во оператива на ЈКП, што во дел на Комунална хигиена, нешто во делот на Водовод и канализација, Паркови и зеленило, Пазар и администрација. Кога граѓаните би плаќале редовно сметки би немале проблем и нема да имаме негативни импликации, изјави Шаќири.
ЈКП Тетово како претријатие должи над 10 милиони евра, а речиси исто толку и граѓаните должат поради неплатени сметки.
-Наплатата на месечните сметки изнесува 25% , односно толку од граѓаните плаќаат редовно сметки. На годишно ниво стигаме до 50 % со судски процедури за наплата преку извршители, како за граѓани така и за правните лица. Долгот од граѓаните кон ЈКП е 9,5 милиони евра и сметки кои датираат од 90-ти години. Долговите не смееме да ги отпишеме затоа што влегуваме во делот на и данокот, изјави Шаќири.
Претседателот на Советот Бесар Дурмиши образложи дека 25-те милиони денари ќе бидат од сметката на Општина Тетово, во зависност од тоа колку секторот за финансии ќе може перидично да одвојува средства.
Опозоционите партии во Советот од редовите на ДУИ, СДСМ, Алтернатива и ДПА ја напуштија седницата со образложение дека постапката не била транспарентна. Тие побараа да ги видат списоците со ангажирани со договор на дело. За одлуката гласаа мнозинството на Движење Беса и ВМРО ДПМНЕ.
ас