На 19.07.2024 год. На денот посветен на Преп. Сисој Велики, кој во Тетовскиот крај посебно се почитува овој светител, Неговото високопреосвештенство, Митрополитот Тетовско-гостиварски г. Јосиф, богослужеше Света Златоустова литургија во параклисот посветен на “Св. Сисој Велики”– Тетово, во сослужение на свештеници од Тетовското архиерејско намесништво.
На литургијата верниот народ се причести со Светите Христови Тајни. По литургијата беа благословени празничните кумски лебови и панагии. Свое слово изрече Митрополитот г. Јосиф кој меѓу другото нагласи: Со голема духовна радост, гледајќи ве во голем број собрани на молитва во овој дом Божји, ја започнувам денешната беседа за денешниот празник посветен на светиот подвижник Сисој Велики, заштитникот на децата, кој во нашиот тетовски крај има голем развиен спомен и почит што сведочи и изградбата на овој параклис посветен на денешниот празник.
Светиот Сисој бил по потекло мисирец од земјата Египетска. Тој му бил ученик на светиот Антониј Велики. По смртта на својот голем учител се населил во пустинската гора наречена Антониева, според местото на подвигот на великиот негов свет учител. Со текот на времето, земајќи врз себе тешки подвизи толку се скротил самиот себеси, што стана незлоблив како јагне.
извор: тге.мк