Жителите на тетовско Сараќино се жалат дека и покрај новиот водоснабдителен систем пуштен во употреба пред помалку од еден месец повторно се соочуваат со проблеми во водоснабдувањето. Според нив, вода или има во изобилие или имаат целосен прекин од по неколку дена.
– Водоснабдувањето не е редовно. Кога има, ја има во изобилство, ама се допира. Таму треба да има надзор, кој прави тоа со водата. Некој ја допира и ја пушта. Не е редовна. Може една недела да имаме, два дена да немаме, а може и две недели да немаме, може после да има во изобилство. Значи се игра со водата, велат жителите на Сараќино кои се обратија до медиумите.
Ова проблематика ги погодува особено тие кои се без хидрофори и цистерни.
– Затоа не сме сигурни на квалитетот на водата. Да се воспостави ред и некој таму да води грижа. Јас често се јавувам и имам многу поплаки за нив и за градоначалникот на општината, порача жителка на Сараќино.
Од работната единица „Водовод и канализација“ при Јавно комунално претпријатие „Тетово“ велат дека проблемот е во тоа што новата пумпна станица влече вода од подземни извори, па системот исклучува поради зголемената потрошувачка.
– Проблемот е во големата потрошувачка поради која системот се загрева. Ние мора да го рестартираме. Правиме обиди да не се загрева системот, но не би имало проблеми доколку рационално се користи водата само за пиење. Сега кога има повеќе вода се користи и за наводнување и затоа се јавува проблемот. Апелираме за рационално користење на водата, изјави Љуљзим Шаќири, раководител на работната единица „Водовод и канализација“
Новата пумпна станица за снабдување на Фалише и Сараќино беше пуштена на 12 јули. До градбата на оваа станица дојде со оглед на децениските проблеми со водоснабдување во овие две села поради дотраениот водоснабдувачки систем со кој вода се обезбедуваше од Палчиште. Во февруари година се појави дефект поради кој со недели немаше вода, па Општина Тетово се одлучи на подолготрајно решение. Новиот систем обезбедува 20 литри вода во секунда.
Пумпната станица има две бушотини, од кои едната е од пред 15-тина години со пет литри вода во секунда, а втората е нова која сега се направи и обезбедува 15 литри вода во секунда.
ас