Соопштение СВР Тетово 13 јуни 2024
На 12.06.2024 во 14.00 часот во СВР Тетово, од Клиничка болница Тетово било пријавено дека кај нив со тешки телесни повреди бил донесен С.Н.(64) од Делчево. Според пријавеното, тој се здобил со повредите при извршување градежни работи за градежна фирма од Скопје на патот во изградба кој води од с.Требош кон главниот пат Тетово – с.Јажинце. Увид на местото извршила екипа од СВР Тетово во присуство на одговорно лице од фирмата и трудова инспекција.
…
На 13.06.2024 во 07.45 часот во СВР Тетово било пријавено дека на крстосница на ул.„Илинденска“ со ул.„Киро Ристоски Дрнц“ во Тетово, патничко моторно возило „цитроен“ со тетовски регистарски ознаки, управувано од А.З.(30) од Тетово, удрило во паркирани патнички моторни возила: „форд“ со тетовски регистарски ознаки, патничко моторно возило „фолксваген туран“ со тетовски регистарски ознаки и патничко моторно возило „фолксваген голф“ со тетовски регистарски ознаки. Во несреќата возачот се здобил со тешки телесни повреди, додека со телесни повреди се здобил сопатникот Љ.А.(19) од тетовско Гајре, констатирани во Клиничка болница Тетово. Увид на местото извршила екипа на СВР Тетово.
…
На 12.06.2024 во 12.00 часот во СВР Тетово, 28 – годишник од тетовско село пријавил дека бил измамен од едно лице за сума од 1.350 евра. Според пријавеното, на 25.05.2024 на социјална мрежа тој се договорил со лицето да купи работна машина – багер од него, по што на 10. и 11.06.2024 ги уплатил парите. Како што е пријавено, пред да го пријави настанот се слушнал со лицето кое му кажало дека машината е на царинска испостава во Тетово, а откако отишол таму бил известен дека таков предмет нема, по што лицето веќе не било достапно и сфатил дека бил измамен. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.
…
На 13.06.2024 во 00.15 часот во СВР Тетово, 43-годишната Д.А. од тетовско Слатино пријавила дека околу 19.00 часот на 12.06.2024 година во парк во Тетово, нејзиниот малолетен син бил физички нападнат од неколку лица. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.
…
На 12.06.2024 во 09.45 часот во СВР Тетово, 32-годишниот И.С. од Тетово пријавил дека околу 02.10 часот на ул.„Штипска“ му било одземено патничкото моторно возило „мерцедес“ со тетовски регистарски ознаки. Се преземаат мерки за пронаоѓање на возилото и за расчистување на случајот.
…
На 12.06.2024 во 04.00 часот во СВР Тетово, 49 – годишна жена од Тетово пријавила дека нејзиниот сопруг З.Р.(44) агресивно се однесувал кон неа. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.
…
На 12.06.2024 во 09.00 часот во СВР Тетово, Т.С. (58) од Тетово пријавил дека во тетовската населба Деребој од резервоар на товарно моторно возило „ман“ со тетовски регистарски ознаки била одземена нафта. Екипа од СВР Тетово извршила увид на местото на настанот и се преземаат мерки за расчистување на случајот.
…