Во изминатите девет месеци од оваа година на подрачјето на Секторот за внатрешни работи Тетово вкупно откриени и санкционирани биле 165 технички неисправни возила.
Технички неисправните возила веднаш биле исклучени од сообраќај, а на нивните сопственици изготвени им се соодветни поднесоци и ќе се соочат со парична глоба од 400 евра во денарска противвредност. Најголемиот број од техничките недостатоци, инаку се однесувале на неисправни сопирачки, светлосни и други уреди, пред се уреди за управување и системи.
Во периодот за кој станува збор, исто така, регистрирани, односно санкционирани се и вкупно 1223 поединци кои ги управувале возилата без положен возачки испит и валидна дозвола за тоа.
На сите им се изготвени поднесоци со парична глоба од 250 евра за денарска противвредност и плус исто толку глоба за сопствениците на возилата кои им ги дале да ги управуваат, иако знаеле дека немаат возачки дозволи.
Техничката исправност на возилата и управувањето без возачки дозволи и во наредните месеци ќе бидат приоритетни цели на контролните активности што ќе ги спроведат полициските службеници на Секторот за внатрешни работи Тетово, а во функција на навремено откривање и отстранување од сообраќај на технички неисправните возила и таканаречените „диви“ возачи.