Соопштение на СВР Тетово 22 октомври 2024
На 21.10.2024 во 22.00 часот, полициски службеници од СВР Тетово го привеле О.М.(32) од тетовско село, постапувајќи по претходна пријава од неговиот татко дека агресивно се однесувал во домот и оштетил дел од покуќнината. Исто така, по преземени мерки, било утврдено дека тој бил баран по централна и меѓународна потерница, а по приведувањето бил спроведен во здравствена установа за понатамошна постапка.
На 21.10.2024 во 21.00 часот на улица „107“ во Тетово, полициски службеници од СВР Тетово го лишиле од слобода М.М.(38) од Тетово, кој бил пријавен од неговата 35-годишна сопруга дека околу 20.50 часот физички ја нападнал. Тој е задржан во полициска станица и по документирање на случајот против него ќе следува соодветен поднесок.
На 21.10.2024 во СВР Тетово, М.М.(39) од Тетово пријавил дека околу 20.00 часот на улица „Дервиш Цара“, неговиот малолетен син бил физички нападнат од четири малолетници, при што еден од нив му го одзел мобилниот телефон. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.
На 21.10.2024 во 21.10 часот на регионален пат Тетово – Скопје, кај влез на с. Желино, тетовско, полициски службеници од Полициското одделение Групчин ги лишиле од слобода А.Ј.(37), А.И.(41) и Ш.Р. (29), тројцата од Тетово. При преглед кај нив и во патничко возило „фолксваген голф“ со тетовски регистарски ознаки, во кое се превезувале, била пронајдена и одземена марихуана. Тие се задржани во полициска станица и по документирање на случајот против нив ќе следува соодветен поднесок.