Заврши асфалтирањето на една од улиците во викенд населбата на Попова Шапка, чии градежни работи почнаа на 10 октомври. Обновата на оваа улица се прави за прв пат од осумдесетите години на минатиот век кога е изградена.
– Асфалтирање на патот низ викендичките е само првиот сегмент. Од пролет кога ќе се создадат услови ќе продолжиме и во другиот дел во рамките на викенд населбата. Исто така од пролет ќе се продолжи и со отворање на новиот пристапен пат до Попова Шапка со што ќе се создадат подобри услови за да дојдат туристите не само од Македонија туку од надвор. Исто така работиме сериозно и до крајот на годината да имаме нов урбанистички план со што од пролет ќе се отвори можноста за нови инвестиции, изјави градоначалникот Биљал Касами.
Дел од новинарски прашања беа дали поставениот крст во рамки на црковниот двор е легално поставен и дали ќе се отстрани, на што Касами рече дека има подобра причина што се наоѓа на Попова Шапка.
– Јас сакам само една порака да испратам, тие што не сакаат да ги видат инвестициите на општина Тетово, тие гледаат причина да ја критикуваат општината, за предмети кои не се во надлежност на општината. На пролет ќе продолжат инвестициите во викенд населбата ќе се продолжи со отворањето на новиот пат, согласно нов урбанистички план овде ќе имаме еден туристички ресорт каде што ќе доаѓаат туристи од цела Европа и цел свет. Во урбанистичкиот план се верските објекти црквата и џамијата и се надевам дека ќе се заврши работата и околу легализирањето на верските објекти. Зборувам за црквата и придружните објекти околу православниот верскиот објект и како и џамијата и придружните објекти околу муслиманскиот верски објект, истакна Биљал Касами на новинарските прашања.
Во викенд населбата целокупната патна мрежа која треба да се реконструира и постави асфалт изнесува 2500 метри. Предвидениот нов пристапен пат е со должина од четири километри.
ас