Се очекува повеќе сообраќај наредните две месеци поради доаѓање на иселениците па СВР Тетово најавува и засилени активности за нормално движење со возила.
Според СВР Тетово редовно се преземаат сите мерки и засилени активности за да се овозможи нормално и непречено одвивање на сообраќајот низ централните подрачја на градовите Тетово и Гостивар, а посебно околу превенирањето и санкционирањето на погрешното и непрописното паркирање на возилата.
„Секторот за внатрешни работи Тетово, поради веќе дојдените иселеници и очекуваното зголемена фреквенцијата на сообраќајот, апелира до возачите да ги почитуваат правилата и законските прописи во сообраќајот за да се избегнат сериозни последици и застој во сообраќајот, да бидат свесни, да не ги паркираат нивните возила кај што ќе стигнат и да придонесат за нивната безбедност и безбедноста на другите учесници во сообраќајот. Во соработка со локалните самоуправи веќе се отворени дворовите на неколку основни и средни училишта во централните градски подрачја за да се овозможи паркирање на возилата и да се избегне двојното, односно паралелно паркирање, како и паркирање во зона на раскрсници, на тротоари, пешачки премини и слично. Возилата што го попречуваат нормалното одвивање на сообраќајот ќе бидат подигнати до општинските „пајак“ служби кои ќе бидат интензивирани активности и со подолго работно време, соопшти денес СВР Тетово.
Над 2.500 мерки се изречени во минатите шест месеци во однос на непрописно и погрешно паркирање на возила, а со „пајак служба“ биле подигнати над 1.000 возила кои директно го попречувале нормалното одвивање на сообраќајот, додека за прекршителите се издадени соодветни платни налози и тие ќе се соочат со парични казни предвидени со закон.