Власта тврди дека се прават обиди за да се сузбие профитерството во трговијата во време на криза. Министерот за економија Крешник Бектеши од Тетово денес изјави дека во однос на прекршоците во петокот како економски тим на Владата добиле извештајот од Државен пазарен инспекторат каде што се утврдени неколку прекршоци главно во Скопје во големите супермаркет.
-Седум супермаркети се казнети по 7 илјади евра. Побарав од инспекторите да го применат Законот за заштита на потрошувачите каде е предвидено ако се повторат такви прекршоци инспектори можат да забранат забрана на вршење должност и до една година за нечесни практики кои се прават во трговијата посебно во моменти кога има одлуки на Владата а тие одлуки се донесени во консултации со стопанските комори трговците на мало и трговците на големо. Ние очекуваме и сакам да направам повик до сите институции да работат на заштита на сите потрошувачи сите одлуки на Владата, рече Бектеши кој во тетовски Порој беше во посета на една од мелниците за брашно.
Според него има повеќе од доволна количина на брашно во државата.
-Мелниците имаат задоволителна количина на залихи за да ги покријат потребите на домашниот пазар. Нема никаков простор да се создава паника кај граѓаните за непотребно купување на брашно, имајќи во предвид дека сите количини на брашно кои и се потребни на државата ги имаме во моментот. Мелницата тука во Порој е еден од најголемите извозници на брашно во земјава и во моментот согласно последната одлука за забрана за извоз на одредени житарици, брашно, и масло за јадење сега продава само на домашниот пазар, рече Бектеши.
Исто така тој смета дека цените на основните прехранбени производи во наредниот период ќе се намалуваат како резултат на одлуките кои што го донесе Владата за заштита на граѓаните од ценовни шокови.
-До крајот на неделата очекуваме целосна стабилизација на пазарот и во зависност од информациите ќе се укине и забраната за извоз која што беше донесена минатата недела. Наш приоритет е да се грижиме за граѓаните и да ги заштитиме од ценовни шокови“ кажа министерот Бектеши.
Министерот кажа дека институциите се во постојана комуникација со српските власти за обезбедување на дополнителни количини на пченица, што не значи дека не се покриени домашните потреби, туку овие количини се со цел одредени наши компании производители на брашно кои се извозници во регионот, по стабилизација на пазарот да може и да извезуваат и да станат поконкурентни и во време на криза.